Се бара конфискуваната „бела палата“ на ВМРО-ДПМНЕ да се пренамени во студентски дом

Конфискуваното седиште на опозициската ВМРО-ДПМНЕ да биде пренаменето во студентски дом, побараа денеска студентска организација на УКИМ и директорот на Државниот студентски дом „Скопје“, откако Основниот кривичен суд Скопје одлучи да ја конфискува „Белата палата“.

Од Универзитетското студентско собрание (УСС) на УКИМ велат дека оваа идеја ја дискутираат веќе извесно време и дека по донесувањето на судската одлука ќе бараат поддршка и реуредување на просторот по нивен вкус, по идеја на студентите.

„На студентите им припаѓа луксузот во кој политичарите досега незаслужено уживаа! Ова е шанса да се исправи погрешното трошење на парите. Не ни требаат вашите кристални лустери и позлатени слики, ни требаат тоалети со врата која се затвора, тавани без мувла и ѕидови со изолација!“, пишува во Фејсбук објавата на УСС УКИМ.

Оттаму додаваат оти „се радуваат што и други страни ја споделуваат нивната идеја и дека се надеваат на обединување на младите по ова прашање“.

Пренаменување на Белата палата во студентски дом побара и Виктор Велевски, претседател на Државниот студентски дом – Скопје.

„Да инвестираа 63 милиони во сите ученички и студентски домови, сега ќе имавме модерни и европски капацитети за сместување и исхрана на авангардата на државата, ама како велат, пусто по мило им беше да си гледаат само за нив“, реагира Велевски.

Судот побара конфискување на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ во завршетокот на случајот „Талир 2“. Покрај луксузната зграда во центарот на Скопје, судот конфискуваше и 30-тина партиски штабови на ВМРО-ДПМНЕ низ целата земја.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот