Колеги соработници
Фото: Pexels/fauxels

Сандерс: Што ќе ви е да сте Европејци ако сите работници ви избегаат?!

Во ред е да чекате да добиете датум, но дали знаете колку луѓе ќе ја напуштат вашата држава кога ќе станете дел од европското семејство? Дали некој бизнисмен се прашал каде ќе најде работници ако добар дел од работоспособното население замине во потрага по подобар живот, праша Сандерс говорејќи за геополитичките случувања како предизвик за интернационализација на бизнисот

Како очекувате некоја компанија да инвестира во Македонија, кога единствената аспирација ви е да станете членка на ЕУ, праша Кристофер Сандерс, специјален советник на претседателот на Стопанската комора на Македонија, кој говореше на темата „Глобалните геополитички случувања – предизвик за интернационализација на бизнисот и следење на новите трендови во индустријата“ во Комората.

– Во ред е да чекате да добиете датум, но дали знаете колку луѓе ќе ја напуштат вашата држава кога ќе станете дел од европското семејство? Дали некој бизнисмен се прашал каде ќе најде работници, ако добар дел од работоспособното население замине во потрага по подобар живот? Каде ќе најдете работници со потребните вештини? – поентираше Сандерс.

Според британскиот експерт, она што сега се случува со војната во Израел не е неочекувано, туку беше прашање на време и сериозни планови и стратегии. А таквите стратегии во Македонија се со стар датум и нема нови, додаде тој.

– Бизнис визионерите мора да планираат барем десетина години однапред и ако во 2019 година сте почнале да го правите тоа, веќе е доцна. За Македонија е добро што луѓето сè уште се гладни за успех во иднината, но мора да имате јасна визија и стратегија. Но, вашите стратегии се со датум од 2018. Не гледам нови?! Вашата единствена аспирација е да станете членка на ЕУ – истакна Сандерс.

Британскиот експерт истакна дека најважниот фактор за бизнисот е одржливоста за правење профит.

– Ако немате профит, тогаш нема да можете да го работите тоа што го сакате. Бизнисот мора да биде дефиниран и да знае што сака. Целта не е да се носат одлуки на кус, туку на долг рок и да предвидат можните последици што ве очекуваат – истакна специјалниот советник на СКСМ.

Минатата година, според официјалните податоци, износот на странски директни инвестиции во земјата беше 753,8 милиони евра, а таа бројка според вицепремиерот Фатмир Битиќи е рекордна.

– Инвеститорите што доаѓаат во земјава, остануваат и ги шират своите бизниси, го зголемуваат бројот на вработени и креираат додадена вредност за нашата економија – рече Битиќи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот