Само СДСМ би одела на избори заедно со ДУИ

Искрено, јас сметам дека во моментов е малку проблематично за нас како партија да бидеме со ДУИ на една листа, но ќе разговараме со членството и следната недела ќе донесеме одлука, изјави лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари.

Додека станува извесно дека претседателските и парламентарните избори ќе бидат на 8 мај – се чека само на официјализирање на датумот – сè уште не се знае дали СДСМ, ДУИ и Алијанса за Албанците на изборите за пратеници ќе настапат со заеднички листи. Владините партнери Димитар Ковачевски и Али Ахмети се блиску до договор и на претседателските и на парламентарните избори да настапат заеднички, Арбен Таравари е против и за него сите опции се отворени.

Неофицијално, парламентарните да се одржат во вториот круг од претседателските избори (8 мај) Ковачевски телефонски се договорил и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, иако од опозициската партија го демантираат тоа. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека за нив е важно тоа што Ковачевски прифатил споени избори, но тврдат дека немало ни телефонски разговор, ниту, пак, средба помеѓу премиерот и претседател на СДСМ, Ковачевски, со нивниот лидер Мицкоски, но дека очекуваат средба на која ќе се формализира датумот на изборите.

Првиот вицепремиер Артан Груби потврди дека има простор парламентарните избори да се одржат заедно со претседателските во почетокот на мај.

– Веќе е извесно, сите политички партии се согласни да се одржат изборите заедно и да не бидат предвремени зашто во мај има простор да се одржат редовни избори и претседателски и парламентарни и се надевам дека во рок од неколку дена ќе се донесе заедничка одлука. Се разговара со повеќе партии дали за заеднички настап со СДСМ, дали заедно во Европски фронт или посебно едни со други, но се уште нема ништо конкретно.Се очекува техничката влада, во согласност со договорот меѓу политичките партии, да се реализира кон крајот на јануари. Што значи има доволно време изборите да се одржат заедно – рече Груби.

Функционери на ДУИ во неколку наврати повторија дека премиер на техничката влада ќе биде од ДУИ и дека тоа е дел од владиниот договор.

Ковачевски пред два дена изјави дека СДСМ и ДУИ имаат јасен коалициски договор, објавен во 2020 година, и дека клучната работа што ќе ги обедини партиите на следните избори и е остварување европска коалиција што ќе предводи широк фронт. Иако се многу блиску до таков договор, сепак ДУИ сè уште не пресекла дали ќе одат со заеднички листи.

И вицепремиерот Фатмир Битиќи потврди дека разговараат со сите партии и дека во наредниот период ќе се разговара  и со опозицијата за редовните парламентарни и претседателски избори.

-Ние секако ќе имаме Европски фронт. Европскиот фронт е отворен за сите партии кои што го поддржуваат европскиот пат на државата, дали заедничко настапување или на заеднички листи е абота на договор. Немаме ни партиск,а ни колаициски, ни меѓупартиски договор за заеднички листи, но сите опции се отворени – рече Битиќи.

Лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, изјави дека веќе се одржала средба со Ковачевски и со Ахмети за заеднички настап, но дека засега Алијанса е против.

– Разговаравме за опцијата да одиме со една изборна листа. Но, искрено, јас сметам дека во моментов е малку проблематично за нас како партија да бидеме со ДУИ на една листа, но прашањето не го затвораме. Ќе разговараме со членството и следната недела ќе донесеме одлука – изјави Таравари.

Проблемот е во тоа што во Алијанса се поделени и затоа е неизвесно како партиските органи како ќе решат. Според висок партиски функционер, битно ќе биде што ќе покажат внатрепартиските анкети.
Според анкети на СДСМ, само заеднички настап ќе им обезбеди победа на владините партнери (65 пратеници). Но, тие анкети не се доволни за да ја убедат Алијанса. Важно е да се види и што ќе покажат анкетите за тоа колку македонскиот електорат е подготвен да гласа за листа на која се Ахмети, Таравари, Села… колку албанскиот ќе гласа за Kовачевски, бидејќи коалицијата меѓу СДСМ и Беса на последните избори не помина најдобро. Таравари смета дека коалиција со ДУИ е непожелнa, зашто ДУИ е рак-рана на општеството. Во моментов на располагање се сите опции – Алијанса сама да оди на избори, втората е во коалиција со СДСМ и ДУИ, а последна е коалиција со Европскиот сојуз за промени, односно со здружената албанска опозиција.

Кога станува збор за заеднички настап на претседателските избори, пак, партиите од власта се многу поблиску до договор. За ДУИ апсолвирано е прашањето дека за претседател на државата ќе поддржи кандидат номиниран од СДСМ, додека од Алијанса велат дека поддршката ќе зависи од понудениот кандидат.

На европскиот фронт, предводен од власта, речиси е извесно дека ќе му се придружат и новите партии, онаа на Аријанит Хоџа, кој неодамна се отцепи од Беса, како и партијата на Скендер Реџепи. Од друга страна, опозицискиот албански блок предводен од Изет Меџити, Билал Касами и Африм Гаши сè уште ја канат Алијанса да им се приклучи за да настапат заеднички на изборите против ДУИ.
Најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ нема да оди во предизборна коалиција со партија или со партии на Албанците и на изборите ќе настапи со коалицијата што веќе ја предводи, а ќе номинира и свој кандидат за шеф на државата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот