Само Макрон не знае дека наскоро ќе ни даде датум за преговори

Фото: Profimedia

Средбата на претседателот Стево Пендаровски со својот француски колега Емануел Макрон во Париз очигледно не ги роди посакуваните плодови, коментираат политичките аналитичари, особено по заклучокот што го донеле двајцата претседатели дека сè уште не постои гаранција оти Скопје ќе добие датум за преговори со ЕУ на следниот самит во Загреб закажан за мај наредната година. Иако се предвидуваше дека Пендаровски и Макрон ќе успеат на нивната прва средба да постигнат „разумен“ компромис – Македонија да ги почне преговорите, а истовремено и Унијата да ги спроведе реформите – сепак, објаснуваат експертите, такво нешто не се случи.

Од друга страна, додаваат тие, токму оваа средба на двајцата претседатели може да биде од исклучителна важност особено во моментот кога Макрон ќе почне да се двоуми дали да го повлече ветото и повторно да ѝ го отвори европскиот пат на земјава.

Премиерот Зоран Заев истакна дека е презадоволен од средбата Пендаровски-Макрон и изрази надеж дека одлучувањето околу методологијата за проширување, пред која е исправена ЕУ, нема да трае предолго.

– Мене ми е јасно дека следува методологија, која мора да биде адаптирана и од земјите членки, но и од Европската комисија. Јас само се надевам дека ќе успеат во соодветни временски периоди тоа да го направат заради тоа што држењето на нашата мотивација е важно – рече Заев.

Универзитетскиот професор Лазар Лазаров вели дека средбата на двајцата претседатели не е воопшто залудна, а како што додава, постојат шанси Макрон да го повлече ветото уште пред одржувањето на изборите во Македонија на 12 април следната година.

– Очекувам сега да се случи едно поместување, бидејќи Макрон ја сфати својата грешка. Јас сум убеден дека земјава ќе ги почне преговорите многу порано од следниот мајски самит на ЕУ во Загреб. Макрон ќе ни даде зелено светло уште на почетокот на следната година оти само така ќе може да се оправда себеси, но и да се ослободи од силниот притисок што му тежи на грбот – објаснува Лазаров.

Поранешниот македонски амбасадор во Франција, Благој Зашов, смета дека средбата на двајцата претседатели ќе помогне во иднина да се разјаснат некои работи, односно ќе придонесе за омекнување на ставовите на Макрон.

– Од средбата видовме дека Макрон сè уште не го променил својот став во однос на членството на Македонија во ЕУ. Сепак, одењето на Пендаровски во Париз во прва рака ќе помогне во иднина да се разјаснат работите и ќе придонесе за омекнување на ставовите на Макрон. Сметам дека методологијата ќе биде изработена за многу брзо време, бидејќи притисокот врз Франција сега е огромен и тоа практично ќе го натера францускиот претседател да ги стави своите ставови на хартија, која подоцна ќе заврши во соодветен орган како што е Европската комисија – објаснува Зашов.

Буџаку: Макрон е менлива категорија

Поранешниот амбасадор Агрон Буџаку смета дека и покрај блокадата од францускиот претседател Емануел Макрон за датум за преговори, Македонија еден ден сепак ќе стане дел од европското семејство.

– Франција како земја е една од шесте основачи на ЕУ и е движечки мотор заедно со Германија. Макрон е менлива категорија како претседател и не верувам дека ќе успее да обезбеди втор мандат во Франција. Геостратешки ние припаѓаме на ЕУ и без разлика на моменталните односи и видувања, перспективата ни е во ЕУ и еден ден Македонија ќе стане полноправна членка – истакна Буџаку.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот