Гренланд/ Фото: Wikimedia Commons

САД и Данска преговараат за нови воени бази на Гренланд

САД водат разговори со Данска за отворање нови американски воени бази на Гренланд, а преговорите добиле интензитет во последните месеци, објави „Анадолија“.

Според извештаите, Вашингтон сака да отвори три нови воени локации во јужниот дел на Гренланд, покрај постојната база Питуфик, поранешната база Туле, која САД ја користат уште од времето на Студената војна.

Разговорите се водат во рамки на договорот за одбрана од 1951 година меѓу САД и Данска, кој им овозможува на Американците да го прошират военото присуство на островот доколку НАТО има таква потреба.

Според извори блиски до преговорите, една од американските идеи била новите бази формално да добијат статус на американска суверена територија, иако засега нема потврда дека таков предлог официјално бил ставен на маса.

Главниот фокус на новите бази би бил надзор на северниот Атлантик и таканаречениот коридор ГИУК, стратешка зона меѓу Гренланд, Исланд и Велика Британија, која НАТО ја смета за клучна за следење на руските и кинеските поморски активности.

Една од можните локации е Нарсарсуак, каде што порано постоела американска база и веќе има мала аеродромска инфраструктура. Другите потенцијални точки се поврзани со постојни пристаништа и писти што би можеле брзо да се надградат.

Белата куќа потврдила дека има разговори со Данска и Гренланд, но одбила да открие детали. Данското Министерство за надворешни работи исто така потврдило дека постои „активен дипломатски канал“ со Вашингтон.

Темата за Гренланд повторно се отвори по враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа. Трамп во повеќе наврати изјавуваше дека островот е клучен за американската безбедност и дека САД мора да имаат поголемо влијание во Арктикот поради Русија и Кина.

Во меѓувреме, Данска веќе го зголеми военото присуство на островот, а неколку европски земји испратија персонал и поддршка во рамки на арктичките безбедносни операции.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот