САД не очекуваат Украина да биде поканета во НАТО на самитот во Вашингтон

Џулијан Смит / Фото EPA-EFE/STEPHANIE LECOCQ

Амбасадорката на САД во НАТО Џулијан Смит изјави дека е нереално да се очекува Украина да добие покана за членство во НАТО на самитот на Алијансата, кој во јули ќе се одржи во Вашингтон. Украина, според сите проценки, и годинава ќе остане без покана за НАТО.

Смит изјави дека не се очекува Киев да добие покана за членство на претстојниот самит на НАТО, кој треба да се одржи од 9 до 11 јули во Вашингтон.

„Кога станува збор за самитот што ќе се одржи летово, не очекувам дека Алијансата ќе издаде покана во овој момент“, рече Смит, пренесе Ројтерс.

Таа додаде дека од самитот одржан во Вилнус во јули минатата година, НАТО презеде голем број чекори за да ѝ помогне на Украина, која беше нападната од Русија во февруари 2022 година. НАТО, вели американската амбасадорка во НАТО, му помогна на Киев во реформите кои се неопходни за евроатлантските интеграции.

„Продолжуваме да се фокусираме да ги поддржиме во нивната борба и да обезбедиме победа на бојното поле“, заклучи Смит.

Пораката на американската амбасадорка во НАТО е нов ладен туш за Киев. Имено, украинските власти, на чело со претседателот Володимир Зеленски, за една од нивните главни цели го поставија влезот во НАТО.

Џулијан Смит / Фото EPA-EFE/STEPHANIE LECOCQ

Иако во Киев се надеваа дека веќе на минатогодишниот самит на НАТО во главниот град на Литванија ќе добијат покана за членство или барем некаква временска рамка за влез во Алијансата, тоа не се случи. Наместо тоа, тие добија само ветување дека ќе влезат во НАТО кога ќе заврши војната со Русија и ако сите постоечки членки се согласат за нејзиното членство.

Бидејќи не постои таков договор за членство на Украина, а за влез во НАТО е потребен консензус на сите постоечки членки, многумина дојдоа до заклучок дека има многу мали шанси Украина да влезе во НАТО дури и кога ќе заврши војната со Русија.

Имено, многу членки на НАТО не ја сакаат Украина како членка бидејќи стравуваат дека тоа би ја разбеснило Русија. Во неодамнешното интервју со Такер Карлсон, рускиот претседател Владимир Путин рече дека Москва не може да го прифати евентуалниот пристап на Украина во НАТО бидејќи го гледа како безбедносна закана.

Меѓу членките кои досега најмногу се противат на приемот на Украина во НАТО е Унгарија, чиј премиер Виктор Орбан не сака да ги загрози релативно добрите односи што ги има со Путин.

Орбан и Путин / Фото EPA-EFE/GRIGORY SYSOEV /SPUTNIK

Откако Роберт Фицо ја презеде функцијата премиер на Словачка, Братислава исто така се спротивстави на членството на Украина во НАТО.

Сепак, скептицизам кон можното членство на Украина покажуваат и многу други земји-членки, вклучително и самите САД. На ова, на пример, се спротивставува поранешниот американски претседател Доналд Трамп, кој сака нов мандат во Белата куќа и кој неодамна ги критикуваше европските членки на НАТО дека вложуваат премалку во сопствената одбрана.

Од друга страна, најголеми заговорници за прием на Украина во НАТО досега беа балтичките земји и Полска.

И додека Украина не постигна вистински напредок во однос на членството во НАТО, Киев сè уште може да биде задоволен од напредокот што го постигна досега на патот кон остварување на својата втора цел – членство во Европската унија.

Имено, откако Унијата ѝ додели на Украина статус на кандидат за членство во јуни 2022 година, таа ги отвори и пристапните преговори на крајот на минатата година.

Сепак, никој во моментов не може да процени колку ќе траат преговорите. Не може ни да се каже дали најавата на ЕУ дека ќе се прошири во Украина до 2030 година или е наменета само за земјите од Западен Балкан, а можеби и за Молдавија, која досега го следеше патот на Украина кон ЕУ.

Единствено е јасно дека преговорите меѓу Киев и Брисел ќе траат долго. Не само затоа што Украина е во војна, туку и затоа што е голема земја каде прилагодувањата на стандардите на ЕУ ќе траат со години.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот