САД најавуваат нов пакет оружје за Украина во вредност од 400 милиони долари

photo: ASSOCIATED PRESS

САД објавија нов пакет воена помош од 400 милиони долари за Украина, додека Киев се бори да го спречи напредокот на руските трупи во североисточниот регион Харков.

Ова е трета транша од помошта за Украина откако Конгресот го усвои дополнителното финансирање кон крајот на април по неколкумесечни застој.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во четвртокот предупреди дека неговата земја се соочува со „навистина тешка ситуација“ на исток, но рече дека доаѓа нова достава на американско оружје и дека со него „Украина ќе може да ги запре“, пренесува „ASSOCIATED PRESS“.

photo: ASSOCIATED PRESS

Пакетот вклучува артилериски ракетни системи со висока мобилност и ракети за нив, како и муниција за Патриот и напредни ракетни системи земја-воздух, артилерија, противвоздушна и противтенковска муниција и низа оклопни возила, како што се возилата Бредли.

Исто така, ќе обезбеди голем број крајбрежни и речни патролни чамци, приколки, брзи противрадијациони проектили, заштитна опрема, резервни делови и друго оружје и опрема.

САД досега обезбедија околу 50,6 милијарди долари воена помош за Украина од руската инвазија во февруари 2022 година.

Речиси веднаш откако претседателот Џо Бајден го потпиша пакетот странска помош од 95 милијарди долари, Пентагон објави дека испраќа 1 милијарда долари оружје.

Само неколку дена подоцна, администрацијата на Бајден објави пакет од 6 милијарди долари финансиран преку Иницијативата за безбедносна помош на Украина, која плаќа за долгорочни договори со одбранбената индустрија, а тоа пак значи дека доставата на оружјето од оваа помош може да потрае многу месеци или години пред да стигне.

Русија се обиде да го искористи недостатокот на муниција и работна сила во Украина, бидејќи протокот на залихи од Западот од избувнувањето на војната се намали, додека Конгресот се бореше да го усвои законот.

Москва мобилизираше голем број на војници на исток, како и на север и добива предност на бојното поле, рече Зеленски.

Официјалните лица не кажаа дали најновиот пакет вклучува повеќе од балистичките ракети со долг дострел – познати како „АТАКМС“ – што Украина постојано ги бараше.

САД тајно испратија голем број проектили во Украина за прв пат оваа пролет, а Белата куќа соопшти дека ќе испрати уште повеќе.

Во еден случај, Украина ги искористи за бомбардирање на руски воен аеродром на Крим.

Новите проектили ѝ даваат на Украина можноет да погодува цели на речиси двојно поголема оддалеченост односно до 300 километри – отколку што имаше со верзијата на оружјето со среден дострел што ја доби од САД во октомври.

(ФОТО) Русите се обидуваат да ги пробијат украинските одбранбени линии северно од Харков

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот