САД: Авион на Делта принудно слета поради турбуленции, 25 патници повредени
Лет на „Делта ерлајнс“ за Амстердам беше попречен од силни турбуленции во кои беа повредени десетици патници.
Препорачано
Авионот, кој полета од Солт Лејк Сити, беше принуден да слета итно на меѓународниот аеродром Минеаполис-Сент Пол откако капетанот одлучи да го пренасочи летот само два часа по полетувањето и многу пред да го заврши деветчасовното патување. Ербасот А330-900 слета безбедно.
Медицински персонал брзо пристигна на аеродромот за да им пружи прва помош на патниците и екипажот, додека 25 лица беа однесени во болниците во областа на лекување. Компанијата во соопштението наведе дека работи со патниците за да ги задоволи нивните непосредни потреби.
Вкупно, на летот имало 275 патници и 13 членови на екипажот, според Би-Би-Си.
Според податоците од Националниот одбор за безбедност во сообраќајот на САД, од 2009 година се регистрирани 207 сериозни повреди поради турбуленции, т.е. инциденти што бараат хоспитализација повеќе од 48 часа.
Се проценува дека секоја година се случуваат приближно 5.000 инциденти на тешка или потешка турбуленција, меѓу повеќе од 35 милиони летови низ целиот свет.


