Сѐ е спремно за главниот настан на „Таксират фестивал“

Главната вечер на „Таксират“, со која официјално ќе биде затворено годинашното 24-то издание на нашиот најголем зимски музички фестивал, ќе се одржи на 7 декември со осумчасовна концертна прослава и 12 музички изведувачи кои ќе настапат на две бини во Арената „Борис Трајковски“ во Скопје.

Први на главната бина и задолжени за официјалното отворање на ова фестивалско финале ќе настапи незаменливиот колектив на македонскиот андерграунд хип-хоп, едно од најзначајните имиња на правецот, групата „Зад аголот“!

Покрај нив, и тоа за прв пат во Македонија публиката ќе има прилика да ги погледне и настапите на британската трап-џез сензација „Ај-Ем-Диди-Би“ и легендата на светската треш-метал сцена, групата „Содом“ од Германија. Френетичната атмосфера годинава пристигнува со енергичните каталонци „Ла пегатина“, додека, пак, најпопуларниот инди-поп тандем во регионов „Буч Кесиди“ доаѓа од Србија со гаранција за најдобрата диско/рокенрол журка на „Таксират“.

Полноќниот дел од програмата е резервиран за артистите од електронската музичка сцена и тоа најпрво настапот на еден од најценетите претставници од домашната клупска сцена, диџејот Нино Флудер. Карактеристичниот завршен термин и сетот за затворањето на целиот фестивал е резервиран за германскиот техно-великан Бен Клок – најголемиот симбол на берлинскиот техно-храм „Бергхаин“ и неприкосновен талент кој повеќе од деценија е меѓу најдобрите и најбараните диџеи и продуценти во светот.

На втората, „Трапсират“ бина, паралелно ќе се одвива програмата со најзвучните претставници од домашната и регионалната трап-сцена, а во листата на изведувачи подготвени и оваа година да ја приредат најжешката атмосфера на „Таксират“ се запишуваат: Баша, Хиљсон Мандела, Јанг Дади, Принцес Донатсу и Донплеја.

Влезот за посетителите ќе биде отворен во 19 часот, а почетокот на програмата е во 20 часот.

Главната вечер на „Таксират“ е воедно и последниот настан од годинашната, импресивна и досега најобемна музичка програма на фестивалот во чии рамки, повеќе од 20.000 посетители, покрај тридневната меѓународна ПИН-музичка конференција, уживаа во приликата да ги погледнат концертите на славните светски музички ѕвезди „Дед кен денс“, Ману Чао, Андре Риу, последниот концерт во кариерата на хрватскиот панк-рок бенд „Хладно пиво“, потоа македонските докажани музички имиња „Верка“, „Пијан Славеј“, Џамбо Агушев заедно со Наташа Атлас, Зарина Првасевда, „Луфтанза“ и уште над 40 други музички изведувачи, кои од сите страни на светот пристигнаа на „Таксират“ во Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот