Трамп и Путин

Руски и американски делегати во Eнкориџ сместени во студентски дом

Поради големите гужви во Енкориџ пред самитот меѓу рускиот и американскиот претседател, дел од делегациите на Владимир Путин и Доналд Трамп беа сместени во студентските домови на Универзитетот во Алјаска, соопштија локалните власти и универзитетската администрација.

Портпаролот на Универзитетот во Алјаска во Енкориџ (UAA), Рајан Бухолд, изјави дека тимот за безбедност на кампусот тесно соработува со федералните и локалните органи за спроведување на законот за да се обезбеди безбедноста на делегациите и персоналот, објавија локалните медиуми.

„Нашата главна цел е сите гости, без разлика дали се од САД, Русија или други земји, да можат безбедно да ги завршат своите задачи и да се вратат дома“, рече Бухолд.

Недостатокот на сместувачки капацитети во градот доведе до тоа членовите на делегациите, како и дел од медиумските екипи, да бидат сместени во студентските домови и собите на Центарот „Аласка ерлајнс“ на универзитетскиот кампус.

Хотелските капацитети и агенциите за изнајмување автомобили во Енкориџ се целосно резервирани, изјави градоначалничката Сузан Лафранс, додавајќи дека Алјаска е исклучително популарна туристичка дестинација во текот на летото, поради што се бараат „креативни решенија“ за гостите.

Самитот Путин-Трамп се одржува во воздухопловната база Елмендорф-Ричардсон (JBER) во близина на Енкориџ.

Претседателите треба да се сретнат приватно, по што ќе следи билатерален ручек во проширен формат со делегациите, како и заедничка прес-конференција.

Портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит, потврди дека, во случај на позитивни резултати од состанокот, Трамп би можел да предложи вклучување на украинскиот претседател Володимир Зеленски во продолжението на преговорите.

Улиците на Енкориџ се под зголемена безбедносна контрола, а десетици новинарски екипи од целиот свет веќе се распоредени на контролните пунктови околу базата JBER.

Локалните училишта продолжија да работат, но администрацијата на училишниот округ издаде известување до родителите да ги следат сите безбедносни аспекти, со оглед на можните сообраќајни и логистички компликации поради самитот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот