Русија плаќала познат германски новинар и биограф на Путин

Владимир Путин / Фото EPA-EFE/GAVRIIL GRIGOROV/ SPUTNIK

Германскиот новинар и автор Хуберт Зајпел, познат по известување од Русија и интервјуа со Владимир Путин, примил стотици илјади евра од руски олигарх близок на Путин со дознака „спонзорски договори“.

Според медиумски извештаи, германскиот новинар и биограф на Путин, Хуберт Зајпел наводно примил стотици илјади евра од Русија, без за тоа да ги извести медиумите за кои работел, меѓу кои се и јавните сервиси НДР и ЗДФ, како и неделникот „Шпигел“.

Повикувајќи се на доверливи документи од Кипар, „Шпигел“ и Втората програма на германската телевизија, ЗДФ известуваат дека познатиот новинар Зајпел во март 2018 година склучил „спонзорски договор“ вреден 600.000 евра за „да ја напише книгата за политиката во Руската Федерација.“

Великодушен спонзор е офшор фирма од Британските Девствени Острови, „De Vere Worldwide Corporation”. Сопственик на спонзорската фирма во еден од даночните раеви е рускиот олигарх Алексеј Мордашов. Поради блискоста со рускиот претседател Владимир Путин, Мордашов по  рускиот напад врз Украина  е на удар на санкциите на Европската унија.

„De Vere Worldwide Corporation” наведува дека со сумата сакала да го „потпомогне развојот на проектот“, пренесува „Шпигел“, како и дека „книгата требало да биде објавена во 2019 година.“ Постојат укажувања дека ова не е прв ваков спонзорски договор. Имено, ракописна белешка на договоорт до кој дошле новинарите укажува на сличен договор за првата книга на Зајпел за Путин, објавена во 2015 година.

Зајпел, новинар кому Путин му верува

Германскиот новинар со години битно влијаеше на сликата која Германците ја имаат за Владимир Путин и повеќепати го интервјуираше. Напиша биографија за Путин, која во Германија беше објавена во 2015 година, под наслов „Путин, внатрешни увиди во моќта.“ Шест години подоцна следеше книгата „Моќта на Путин. Зошто на Европа ѝ е потребна Русија.“

Обете книги ги објави угледен издавач од Хамбург (Hoffmann und Campe). Издавачот издаде соопштение дека не знаел ништо за уплатите од Русија и најави преиспитување на целиот случај. Освен тоа, во соопштението се вели дека поради актуелните извештаи, решено е „книгата веќе да не се нуди во продажба.“
Во документарниот филм „Јас, Путин“, Зајпел прикажува државник кој „неуморно се грижи за својата голема земја“.

На сајтот на Втората програма на германската телевизија ЗДФ во текстот за овој случај се вели: „Милиони Германци го гледаат Путин  со очите на Зајпел.“

За НДР – портрет на Путин, интервју со Сноуден

И северногерманската телевизија НДР во рамките на јавниот сервис АРД интензивно соработувала со Зајпел. За НДР германскиот новинар во 2012 година ја направил документарната емисија „Јас, Путин – еден портрет.“

Две години подоцна Зајпел пред вклучени камери разговарал со Владимир Путин во Москва и успеал да сними интервју со познатиот  американски „свиркач“ Едвард Сноуден,  кој доби азил во Москва. За тоа интервју Зајпел доби угледна германска телевизиска награда.

Медиумската куќа НДР, за која Зајпел последен пат работел во 2019 година, смета дека станува збор за судир на интереси. Зајпел, според толкувањето на менаџментот на НДР, морал договорите да ѝ ги пријави на телевизиската продукциска фирма за која работи емисии со иста тематика.

„Постои сомневање дека ние, а со тоа и нашите гледачи, сме смислено излажани. Тоа сега ќе го провериме и размислуваме околу правни чекори“, изјави генералниот директор на НДР, Јоахим Кнут.

„Постапките во врска со порачка и реализација на документарците кои Зајпел ги сними за НДР ќе бидат темелно преиспитани. Успеавме за ова да го придобиеме и бившиот главен и одговорен уредник на ‘Шпигел’, Штефан Клусман,” вели Кнут.

Признание, но…

Ова е прв откриен случај во кој влијателен западен новинар добива великодушни и пред сѐ тајни суми пари од руската елита собрана околу  претседателот Путин.
Зајпел во 2021 година во едно телевизиско интервју негираше постоење финансиска поддршка за неговата работа во Русија.

Во меѓувреме, тој призна дека врз основа на два „спонзорски договори“ примил пари од Алексеј Мордашов во 2013 и во 2018 година, и појасни дека тие пари биле наменети за проектите за пишување на двете книги.

Тој негира влијание на тие пари врз неговата новинарска работа, укажувајќи на клаузулата од договорот според која тој „нема обврски“ кон спонзорот во поглед на самиот проект, односно „содржината и композицијата на книгата.“

 „Cyprus Confidential“

Засега е извесно дека еден од најугледните германски телевизиски новинари и автори, Хуберт Зајпел со премолченото примање стотици илјади евра од опкружувањето на Путин ја доведе во прашање својата новинарска репутација.

Според наводите на „Шпигел“ и ЗДФ, „спонзорските договори“ се откриени во меѓународниот истражувачки новинарски проект „Cyprus Confidential“, во кој станува збор за сомнително работење на Кипар.

Извор: Дојче Веле

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот