Рурална коалција: Поддршка за развој на земјоделските стопанства

ЕPA-EFE/KHALED ELFIQI

Безрезерво треба да се поддржи руралната жена да ги користи поддршката и можностите за развој на земјоделските стопанства на кои е носител, ама и сите земјоделци треба да добијат соодветна информираност за користење бенефити, субвенции, за развој на задругарството и на целото земјоделско стопанство со пласман на произведеното, велат од асоцијацијата „Рурална коалиција” која почна мартовска кампања, за поддршката на жената-земјоделка во руралните средини.

Според Лилјана Јоноски, извршен директор на „Рурална коалиција”, пандемијата особено се одрази негативно кај жените од руралните средини.

-Според нашите истражувања, дури 84 проценти од жените истакнале дека биле погодени и имаат загуби во економските приходи, а нашата кампања е насочена спрема нивното економско зајакнување. Тоа ни беше доволно алармантен податок дека мора нешто да се преземе на теренот и дека мора многу повеќе да се поработи со оваа категорија жени. Кога прашавме дали успеале да искористат од владините мерки, од преку 160 жени испитанички од сите региони во државава, дури 92 отсто истакнале дека не користеле каква било поддршка. Причината, главно, за тоа е дека најголем дел од нив се дел од неформалната економија, односно воопшто ги нема евидентирани во системот, зашто најголемиот број се невработени, а кога станува збор за семејните земјоделски стопанства, најчесто, еден е осигуран и тоа е мажот, или, ако станува збор за регистриран земјоделец, повторно, тоа е мажот. Така, жената останува незаштитена, и од системот, а дополнително беше зголемен психолошкиот притисок поради зголемените обврски во домот и во полето, објаснува Јоноски.

Во Пелагонискиот регион има над 3 400 жени, кои се регистрирани како индивидуални земјоделки, но дури 83 проценти воопшто не користеле мерки, особено од ИПАРД програмата или од Програмата за рурален развој. 

За тоа кои се формите и начините економски да зајакнат на врвот на приоритетите е информираноста.

-Најбитна е информираноста која во руралните средини недостасува. Дури, партнерски со институциите, да одиме врата до врата за да се зголеми информираноста. За секоја мерка која излегува, а каде жените имаат можност да ја користат. На пример, минатата година имаше мерка 115, исклучително наменета за поддршка на жени, носители на земјоделски стопанства. Инаку, за таа мерка дури над 56 проценти не слушнале дека постои. Иако, за почеток, средствата не се високи, околу 180 000 денари, сепак ќе дадат одреден придонес во земјоделското стопанство, вели Јоноски.

Ќе мора да се работи на задругарството, а тука, прво, треба да се врати довербата дека во здружувањето има бенефит.

-Ќе мора да се работи на здружување на жените, најчесто преку економски форми. Задругарството кај нас не заживеа, односно формирањето задруги. Има економски бенефит, да набавуваат суровини по пониски цени и да достигнат добра цена за продажба. Министерството за земјоделство лани донесе два нови правилника кои овозможуваат продажба од куќен праг. За ова, со самата регистрација, земјоделските стопанства може да користат финансиска поддршка дури до 10 000 евра. Но, за ова, информацијата најчесто е недостапна, бидејќи има одредени критериуми кои треба да се исполнат. Освен тоа, треба да се дејствува на свеста за дел од имотот, освен кај машките, да завршува и кај женските наследници за да биде погодно за вложување, инвестиции и за кредити, па и за основање нови, мали, агро бизниси, смета Јоноски.

Како што додаде задругарството е тема која долги години се заговара. Најчесто, причината се бара во недовербата, со оглед на тоа што се влечат корени од поранешните екс- југословенски задруги, кои, во најголем дел, пропаднаа. Според него недовербата во луѓето и во системот се провлече до ден-денеска и дека и тука најмногу треба да се дејствува во информирањето.

-За да се утврди дека не станува збор за истиот вид на задруги, сега се кооперативи, како што се нарекуваат кај нас. За да може точно да се увиди дека сепак постои економски бенефит, кога здружено се работи. Да се нагласат позитивните практики, зашто кај нас има задруги кои добро работат, за да може тие да се преземат од кај нас, па дури и од Регионот, а и да се користат бенефитите кои ги дава државата зашто сѐ уште постои таа мерка во Програмата за рурален развој со која пет години се покрива платата на менаџерот на кооперативата, смета Јоноски.

Што се однесува до субвенционирањето, пари има доволно, но треба да биде навремено и освен според површини, да се субвенционира произведеното.

-Субвенции и средства има доволно, а колкав е ефектот и бенефитот, е друго прашање. Можеби и таква тема треба да се отвори. Зашто, главно, субвенциите сѐ уште се даваат според површината, а не се врзани со производот. Субвенции и средства има доволно, колкав е ефектот и бенефитот е друго прашање. Субвенции има, низ годините се исплатени повеќе од една милијарда евра, но она што недостасува е навремената испалта, и ја нема кога на земјоелците им е најпотребна. Ние повеќе пати до надлежните институции сме апелирале да се изготви календар со кој ќе се знае кога се исплаќа, да биде редовна. Тоа се дел од нашите апели. За жал, најчесто се исплаќа една година наназад што е еден од најголемите проблеми со кои земјоделците најчесто се соочуваат, вели Лилјана Јоноски, извршен директор на асоцијацијата „Рурална Коалиција.

Цел месец асоцијацијата ќе го посвети на поддршката на жените во руралните средини, можноста од користење бенефити за поддршка на земјоделските стопанства и пласман на традиционалното производство

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот