„Ромео и Јулија“ на Шекспир за првпат била изведена на денешен ден во 1595 година

Се претпоставува дека претставата „Ромео и Јулија“ на Вилијам Шекспир за првпат била изведена на денешен ден во 1595 година, додека самото дело било објавено две години подоцна – во 1597 година, пишува „Политика“.
Познатата трагедија на англискиот драматург, а можеби и една од најпознатите драми во историјата на театарот, низ вековите стана архетипска приказна за двајца млади личности кои се несреќно заљубени. Имено, станува збор за трагична приказна за двајца млади љубовници, чија предвремена смрт засекогаш ги обединува нивните скарани семејства – Монтеки и Капулети.
„Ромео и Јулија“, заедно со „Хамлет“, се вбројува меѓу најпознатите Шекспирови дела.
Каде Шекспир се инспирирал?
Легендата за несреќните љубовници од Верона датира многу порано од оваа драма.
Дури и Данте Алигиери во своето дело „Божествена комедија“ споменува „Монтеки и Капулети потонати во тага“.
Освен него, Џироламо дела Корте во неговата „Историја на Верона“, објавена помеѓу 1594 и 1596 година, ја раскажува приказната за несреќните љубовници како историски настан што се случил точно во 1303 година. Сепак, постојат сомневања дека приказната е измислена, бидејќи дури и Ксенофонт од Ефес споменува девојка која се ослободува од несакана свадба со напивка за спиење.
View this post on Instagram
Влијанието врз популарната култура
Влијанието на Шекспировата трагедија е многу важно – не само врз музиката, туку и врз филмската традиција.
Во песните, чии стихови се инспирирани од љубовна тага, Ромео и Јулија често се спомнуваат како аналогија. Меланхоличните љубовници, кои ги разделува смртта, се една од најчестите теми во музичката историја поради присуството на едно од најуниверзалните чувства – љубовта.
Филмските адаптации на оваа претстава се многу чести, а можеби најпозната е верзијата од 1996 година во која Леонардо ди Каприо и Клер Дејнс ги играат главните улоги.
Интересни факти
Доказ за важноста на ова дело е и фактот што два сателити на Уран, Јулија и Маб, биле именувани по него.
Интересно е што една од најпознатите сцени на претставата, во која Јулија разговара со Ромео од балконот, не постоела како таква во оригиналната изведба, туку Јулија излегла на прозорецот и оттаму зборувала со својот сакан. Самиот збор „балкон“ првпат се појавил две години по смртта на Шекспир, а употребата на балконите во претставите била популаризирана во текот на 19. век.