„Имавме 15 и 16 години кога нѐ натераа да снимаме голи“: Ѕвездите на „Ромео и Јулија“ бараат 500 милиони долари отштета

Оливија Хаси и Леонард Вајтинг/Фото: Профимедиа

Ѕвездите на филмот „Ромео и Јулија“ од 1968 година, Оливија Хаси (71) и Леонард Вајтинг (72) поднеле тужба до Високиот суд во Санта Моника во Калифорнија, обвинувајќи ја познатата продуцентска куќа „Парамаунт пикчрс“ (Paramount Pictures) за сексуално вознемирување, измама, сексуално злоставување и намерно нанесување емоционален стрес.

Фото: Профимедиа

Хаси и Вајтинг тужбата ја поднеле токму за остварувањето „Ромео и Јулија“ поради голите сцени кои ги снимиле кога имале само 15, односно 16 години.

И двајцата тврдат дека италијанскиот режисер Франко Зефирели првобитно рекол дека во филмот нема да има голотија, за потоа во текот на последниот ден од снимањето да им соопшти дека филмот ќе пропадне доколку не се снимат голи сцени.

„Она што им било кажано и она што се случило се две различни работи. Му верувале на Франко. Во својата 16-та година, како актери, биле сигурни дека нема да ја нарушат довербата што ја имале во него“, рекол нивниот претставник Тони Мариноци.

„Франко бил нивен пријател и искрено – на 16-годишна возраст, што можеле да направат? Немало опции. Не постоеше „MeToo“ во тоа време“, додал тој.

Франко Зефирели/Фото: Wikimedia Commons

Во тужбата се наведува дека разголените сцени се снимени без нивно знаење, односно дека Зефирели им покажал каде ќе биде поставена камерата, но двајцата верувале дека ништо нема да се сними ниту емитува. И Оливија и Леонард верувале дека „немаат друг избор освен да глумат голи со шминка на телото како што тоа го барал режисерот во последните денови од снимањето“.

Отштетата која актерскиот пар ја бара е поголема од 500 милиони долари.

Да потсетиме, филмот заработил пофални критики, на Зефирели му донел и номинација за Оскар за најдобра режија. Тој почина во 2019 година на 96-годишна возраст.

„Сликите со голотија на малолетници се нелегални и не треба да се прикажуваат. Тие биле многу млади, наивни деца во 60-тите кои немале поим што ќе следи“, истакнал нивниот адвокат Соломон Гресен за „Вариети“.

Фото: Профимедиа

Хаси и Вајтинг рекле дека сцената им предизвикала долготрајна финансиска, физичка и емоционална болка и дека филмот ги чинел „доживотно губење на заработувачка и други придобивки при вработување и воопшто можност за работа.

„Одеднаш станале познати на ниво кое никогаш не го очекувале, а покрај тоа биле разнишани на начин со кој не знаеле како да се справат“, додал Гресен.

Фото: Профимедиа

Инаку, Хаси продолжила да се занимава со глума, а во 1977 година дури соработувала со Зафирели во мини-серијата „Исус од Назарет“.

Во интервјуто што го дала во 2018 година истакнала дека таа била љубовта на неговиот живот, но дека тоа никогаш не му било возвратено. Во таа прилика признала и дека ја сакала улогата на Јулија, но дека натписите во печатот ја „исцрпувале“.

Вајтинг исто така ја продолжил кариерата како актер и пејач во својата родна Велика Британија.

Фото: Flickr

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот