Романот „Ѓаволот има убаво лице“ од Дора П. ќе биде промовиран во „Концепт 37“

Покана за промоцијата во „Концепт 37“

Во концептуалниот простор „Концепт 37“ на 23 ноември, во 19 часот, ќе се одржи промоција на романот „Ѓаволот има убаво лице“ од Дора П. Промотори на книгата се Анде Јанков, писател, Илина Ведран, инспирациски говорник, автор и лиценциран тренер по методата на Лујза Хеј, и Билјана Велковска, дипломиран филолог по компаративна книжевност и магистер на психолошки науки.

Во содржината на романот Бјанка е лекарка која работи на интензивна нега за време на пандемијата со респираторен вирус. Нејзиниот сопруг Давид, кој има нарушено здравје, е сопственик на синџир маркети низ градот. Хронично уморна, под стрес од секојдневните одлуки што ги носи политиката во здравството, Бјанка развива силна анксиозност со панични напади. Тоа ќе ја поттикне да почне да посетува психотерапија.

Од друга страна, под влијание на социјалната, економската и здравствената криза предизвикана од пандемијата, бракот со Давид почнува да се рони. Давид се вљубува во неговата помлада секретарка Моника, поради која е подготвен да ја напушти Бјанка.

Истовремено Бјанка минува низ ролеркостер од чувства и искушенија со директорот на најголемата фармацевтска компанија во државата, кои ги споделува со својата психотерапевтка. Тоа ја зголемува кризата во бракот со Давид. Сето тоа го набљудува и тајно го поттикнува еден чуден господин. Господинот Л, кој сите го знаат, но никој не го познава…

– Доминантно тешка и тегобна, атмосферата го вшмукува читателот во диегезисот, беспоштедно поставувајќи прашања и одговарајќи ги, создавајќи богати значенски слоеви, од кои извираат нови прашања и се отвараат отвораат нови перспективи. Ретко дело на противречности кое повремено „почестува“ со шармантна фарсична нотка или со амалгамски религиозно-филозофски поенти – посочува промоторката Билјана Велковска, дипломиран филолог по компаративна книжевност.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот