Романот „Друга мајка“ на Драгица Најческа издаден на руски јазик

Реномираната издавачка куќа „У Никитских Ворот“ од Москва, деновиве на руски јазик го објави романот „Друга мајка“ од познатата македонска писателка Драгица Најческа. Романот на Најческа го преведе познатата славистка и македонистка Олга Панкина, која е и промотор на македонската книжевност во Русија повеќе децении.

Драгица Најческа во македонската литература е првата жена писателка што објавила роман – „Пеперуга со натопени крилја“, во 1969 година. Од тогаш до денес, во изминатите децении Најческа остави забележливи траги во сите литературни видови, објавувајќи ги и романите „Друга мајка“, „Крстопати“, Омраза-длабоко“, „Доживотна јамка“ и „Куќа на езеро“, збирките раскази „Раскази“ и „Потрага по скриеното“, расказите за деца „За глувчето, мачките, за мечките, рипчињата, зајачињата, лисичињата и… дечињата“, збирките поезија „Неспокој“, „Вратете ми го сонот“, „И крв и смрт и надеж“ и „Распетие на душите“. Во 2011 година реномираната издавачка куќа „Дијалог“ од Скопје го објави шесттомното издание на нејзините Избрани дела, под уредништво на познатиот македонски писател Веле Смилевски.

Најческа не ѝ е непозната на руската читателска публика. Во 2010 година, издавачката куќа „Парабола“ од Москва го објави на руски јазик и исто така во превод на Олга Панкина нејзиниот роман „Омраза – длабоко“, со успех промовиран пред московскиот читателски аудиториум истата година, а нејзини раскази и поетски творби се застапени и во збирките „Современа македонска поезија“ и „Раскази“, преведени и уредени од Панкина и издадени на руски јазик.

Романот „Друга мајка“ од Драгица Најческа обработува еден  граничен настан од летописот на Скопје и судбината на неговите жители, страотниот земјотрес од јули 1963 година.

Трагичната судбина на едно семејство, во романот „Друга мајка“ е раскажана преку психологијата на десетгодишното девојче Христина и нејзината помала сестричка, чија мајка загинува во земјотресот. Животот на целото дотогаш хармонично семејство се изместува и бара големи напори за да  продолжи натаму.

Најческа во романот гради и позитивен лик на маќеа. Решително се спротивставува на стереотипот во претставувањето на ликот на маќеата уште од народните приказни па сè до современите дела. Тој не само што е негативен, туку во многу од нив е прикажан и како лик на личност способна за злодела. Ликот на маќеата во нејзиниот роман е всушност битка против заблудите, предрасудите поврзани со маќеата и обид да се тргне неправдата нанесена на сите оние прекрасни жени кои несебично им ја подаруваат љубовта на децата кои не ги родиле.

Објавувањето на романот „Друга мајка“ во Русија на руски јазик е уште еден чекор во афирмацијата на македонската литература во светот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот