Ристовски пред решавачкото дерби со Еурофарм Пелистер: Да победиме во најважниот меч и да ја освоиме титулата

EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Според голманот на црвено-црните, Вардар в недела во Битола го игра својот најважен меч во последниве неколку сезони, а противник му е Еурофарм Пелистер. Вардар мора да победи за да ја сочува титулата во Суперлигата

Еурофарм Пелистер и Вардар ќе решаваат во меѓусебен дуел в недела кој ќе ја освои титулата во домашното првенство. Моментно битолчани водат на табелата од плејофот во Суперлигата со два бода и на Вардар му врши работа само победа ако сака да ја задржи титулата.

За црвено-црните ова е веројатно најважниот меч сезонава, не само на домашната сцена туку вклучително и со меѓународните натпревари. Вардар е шампион шест пати во последните седум сезони, па сака да ја задржи таа низа, а на актуелниот првак му зависи и играњето во ЛШ следната сезона. Во првиот меч помеѓу Вардар и Еурофарм Пелистер од плејофот, во Скопје, победија битолчани со 24-23. Вардар сака да се реваншира в недела во пеколната атмосфера на „Боро Чурлевски“. Според голманот Борко Ристовски, во тимот на црвено-црните не постои сомневање дека тоа можат да го сторат.

Ова е сигурно најважниот меч на Вардар сезонава, но би додал дека ова е можеби еден од најважните мечеви во последниве години. Не се работи за престиж во ЛШ, туку за освојување на македонското првенство. Направивме еден кикс, се донесовме во оваа ситуација и сега треба сами да се извадиме – вели Ристовски, според кого во тимот постои самодоверба пред дербито.

– Кај нас не постои несигурност и сомнежи во пресрет на дербито. Мислам дека ние сепак сме поквалитетна екипа. Но тоа мора да се покаже на теренот. Во првиот меч притисокот беше на нас, сега и тие ќе имаат одреден притисок. Како и да е, мораме да го добиеме овој натпревар. Ќе одиме со сите сили да победиме и да ја освоиме шампионската титула – вели искусниот голман. Обете екипи се под притисок во ова дерби. Според Ристовски, притисокот е малку поголем кај домаќинот.

– Мислам дека поголем дел од притисокот ќе падне на нивниот грб. Секако притисок ќе имаме и ние затоа што сепак се работи за Вардар и за натпревар во којшто се решава титулата. Да кажеме дека притисокот е 55-45 процентуално, а претежнува на нивна страна. Ќе биде тоа тежок натпревар, можеби неубав за око, но јак, цврст. Се надевам дека на крајот ние ќе се радуваме – вели Борко, кој вели дека атмосферата во салата „Боро Чурлевски“ само ќе го мотивира да даде повеќе.

– Мене лично тој вид притисок ме мотивира. Сакам да играм пред полна сала на натпревари кои нешто значат. Ова ќе биде токму таков меч и ќе бидам дпоолнително мотивиран да и помогнам на екипата да победи – смета голманот, кој е задоволен од својата моментна форма.

– Последниот период беше пауза поради настапите на репрезентацијата и немав доволно натпревари. Но во последниве два меча влегов во форма и мислам дека ќе бидам подготвен да го дадам најдоброто за дербито – смета Ристовски. Тој открива што ќе биде најважно за Вардар ако сака да победи во Битола.

– За нас ќе биде тежок меч во кој ќе мора сите да одиграме на високо ниво и да ги лимитираме сите нивни играчи да не го дадат својот максимум. Да ги ограничиме во нивните можности, за да ја оствариме својата цел – вели Ристовски во прeсрет на неделното дерби во Битола.

Во претходното коло, Вардар победи на гостувањето кај Охрид 28-21, а Еурофарм Пелистер како гостин го совлада Тиквеш со 32-26.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот