Ристовски: Поради семејни проблеми размислував да се откажам од фудбалот
Македонскиот фудбалски репрезентативец, Милан Ристовски долго време немаше постигнато гол како на клупски така и на репрезентативен план. Во интервју за еден словачки медиум, Ристовски си ја отвори душата и ги раскажа причините за лошата форма.
Препорачано
Голгетерскиот пост се должел на лошата здравствена состоја на неговата мајка поради кој не можел целосно да се посвети на фудбалот.
„Мојот приватен живот имаше огромно влијание врз фудбалот. Во последната година во Спартак Трнава веќе се мачев поради проблеми во семејството. Мајка ми беше болна и имаше сериозни здравствени компликации. На почетокот мислев дека нема да биде ништо страшно, но со текот на времето нејзината состојба се влошуваше. Се обидував тоа да не влијае врз мојата игра, но беше невозможно“, признава тој.
Ситуацијата кулминирала во ноември преклани, кога Ристовски предвреме ја напуштил Трнава за да биде покрај семејството. По заминувањето следела пауза, а поради семејните проблеми размислувал и да се повлече од фудбалот.
„Морав да бидам со моите. Тоа беше период за кој не сакав да зборувам јавно. Сакав да продолжам напред, но психолошки ме погоди повеќе отколку што сакав да признам“, додава тој.
Ристовски во интервјуто се осврна и на бараж натпреварот за пласман на Мундијалот со Данска.
„Данците имаат одличен тим, ќе биде многу тежок натпревар и тие се фаворити. Сепак, во фудбалот сè е отворено. Направивме голем напредок во последните две години, создадовме добра атмосфера, ја подобривме соработката и создадовме тим кој функционира и постигнува резултати. Нашата најсилна страна е тимската работа, што мора да ја покажеме. Секако, ќе биде многу тешко, но како и Македонија, заедно со навивачите кои цел живот чекаа да се пласираат на Светското првенство, ќе се бориме со триста насто од своите можности,“ изјави Ристовски.


