Ристовски: Министерството создава услови, резултатите ги прават клубовите и спортистите
Министерот за спорт, Борко Ристовски, во интервју за МИА зборуваше за досегашната работа, инфраструктурните реформи и идните приоритети на Министерството за спорт. Тој истакна дека Македонија досега немала посебни спортски резултати, но дека започнатите промени во инфраструктурата и системот за финансирање ќе обезбедат услови за подобри резултати во иднина.
Препорачано
„Со жалење мораме да признаеме дека резултатите во изминатите години, освен поединечни блесоци, немаме, што е поразително за една спортска нација како Македонија. Реформа која значи вистинска поддршка и вложување во млади, талентирани спортисти, спортски клубови и инфраструктура е веќе започната. Сигурен сум дека за неколку години ќе видиме повеќе успеси и во индивидуалните и во колективните спортови“, изјави Ристовски.
Тој потенцираше дека министерството не може да креира спортски успеси, туку обезбедува услови за клубовите и спортистите да ги постигнат.
„Министерството не може да креира успеси – тоа го прават федерациите, клубовите и тренерите. Нашата улога е да обезбедиме подобри услови за работа, нов закон за спорт, современа инфраструктура и директни финансиски средства за клубовите. Така создадовме систем кој ја заменува старaта практика со ваучери и сега клубовите добиваат пари директно.“
Ристовски ги коментираше и најавените бојкоти на кошаркарските клубови.
„Бојкотот беше инициран од мала група клубови со лични амбиции. Субвенциите од 440 милиони денари беа исплатени уште во април, а нови средства преку игрите на среќа, околу 300 милиони денари, се упатуваат директно во клубовите. Вкупно, директните субвенции изнесуваат 740-750 милиони денари. Проблемот е решен и очекуваме плодна соработка со клубовите и понатаму.“
Тој додаде дека новиот систем на распределба на средствата е многу по транспарентен од претходниот.
„Системот можеби не е идеален, но е голем напредок од претходниот, каде одредени луѓе носеле одлуки индивидуално. Сега се работи по систем кој не дозволува влијание на вработените и обезбедува фер распределба. Следната година ќе продолжиме со унапредување и еволуција на системот за финансирање“, рече Ристовски.
Преземено од: Sport.com.mk


