Репродукција без бременост: Дали вештачките матки ќе можат целосно да ја заменат природната бременост?

unsplash

Тим израелски истражувачи од Институтот за наука во Вајзман успешно гестатирале стотици глувци во вештачката матка.

Во истражувањето објавено во „Nature“ стои дека ставиле ново оплодени јајца од глувци во стаклени шишенца кои ротираат во вентилиран инкубатор и ги набљудувале ембрионите 11 дена – средна точка на бременоста на глувчето – надвор од телата на нивните мајки. Ембрионите се развивале нормално, нивните срца, видливи низ стаклените шишенца, имале стабилен ритам со 170 отчукувања во минута.

Глувците не биле поголеми од семки од сончоглед, но она што е поважно е дека ова е од огромно научно значење: ова истражување нè носи чекор поблизу до репродукција без бременост!

unsplash

Бременоста е најнерешливата нерамнотежа меѓу половите

Мажите треба да донесат единствена ќелија за да направат бебе, додека жените ги носат своите деца девет месеци и раѓаат, понекогаш ризикувајќи го својот живот, животот на плодот, своето тело и кариера, пишува „Тhe Guardian

Вештачка матка би значела целосен репродуктивен паритет меѓу половите. Но, станува збор за радикална технологија и со секој нов развој би се отвориле дополнителни етички избори.

Научниците се обидуваат да го реализираат тоа уште од 1992 година. А, во 2019 година, холандски истражувачи добија гранд од 2,9 милиони евра од Европската Унија, за развој на вештачка матка.

Научниците кои стојат зад овие иновации се мотивирани од благородни намери: тие сакаат да ги спасат најранливите луѓе на планетата со подобрување на резултатите за предвремено родени бебиња или зошто толку многу бремености завршуваат со спонтан абортус.

Вештачките матки би овозможиле процесот на гестација да продолжи надвор од телото на мајката, така што бебињата родени прерано веќе не би се соочувале со висок ризик од попреченост и хронични заболувања. Тешко е да се тврди дека нешто со таков потенцијал за спасување животи не треба да постои.

pixabay

Репродуктивни права и слободи на жените

Но, од друга страна, пак, вештачките матки може да отворат прашања за репродуктивните права и слободи на жените.

Во Англија, Шкотска и Велс, границата за абортус е врзана со одржливоста на фетусите надвор од човечкото тело. Истата граница моментално е поставена на 24 недела од бременоста, бидејќи фетусите во рана фаза на развој не се очекува дека можат да преживеат надвор од матката.

Што ако сите фетуси, па дури и ембрионите, може потенцијално да бидат одржливи во вештачка матка? Дали секое неродено дете ќе може да се смета дека има право на живот?

Во земјите каде абортусот е легален, пристапот до истиот произлегува од правото на жената да избере што ќе се случи со нејзиното тело. Но, што ако „несаканите“ бебиња можат да бидат „спасени“ со технологијата на вештачката матка и потоа да бидат предадени на посвојување?

Profimedia
Profimedia

Во културата каде што бремените жени постојано се набљудуваат и судат, а државата честопати има моќ да ги прогласи мајките за „несоодветни“ и да им ги одзема децата, оваа технологија ќе има огромен потенцијал да ги принуди и контролира бремените жени.

Многу компании, вклучувајќи ги „Apple“, „Google“, „Facebook“, „Vice“ и „Buzzfeed“, веќе нудат да ги покријат трошоците за замрзнување на јајце клетки на своите вработени за да не се грижат за намалувањето на плодноста за време на најпродуктивните години за нивната кариера.

Одржување на бебе во вештачка матка еден ден може да биде избор што ќе го имаат само елитните кругови чии компании ќе плаќаат за тоа или кои ќе можат да си дозволат сами да ги покријат трошоците. Па, дали тогаш природната бременост може да се сфати како знак на сиромаштија?

Profimedia
Profimedia

Целосна замена за природната бременост можеби е далеку со децении, но вештачките матки доаѓаат порано отколку што мислевме. Во моментов има тимови на истражувачи низ целиот свет кои работат на конкурентни системи за реплицирање на човечката матка.

Пречките за растење на луѓето надвор од човечкото тело ќе бидат етички и законски, а не технолошки.

Време е отворено да се разговара за вештачките матки и претпазливата основа на женските репродуктивни права, пред оваа технологија да пристигне во нашите болници и клиниките за плодност.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот