Рекет-2 одложен, Боки-13 во болница – кога ќе оздрави никој не знае

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Бојан Јовановски, познат како Боки-13, првообвинет во аферата „Меѓународен сојуз“ или во јавноста позната како „Рекет-2“, од затворскиот притвор пред два дена повторно, итно е пренесен и згрижен во универзитетската клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“.

Денешното рочиште за случајот е одложено за 28 овој месец.

Сашо Дуковски, адвокат на Бојан Јовановски за „Слободен печат“ вели дека е зачуден што судските власти не го почитуваат и уважуваат ставот на лекарите кои строго препорачуваат Боки-13 да биде под строг режим на истрага и сместен во многу хигиенски услови, а такви во истражниот затвор „Скопје“ каде што го издржува притворот нема.

Адвокатот вели дека на Јовановски премногу му е нарушена здравствена состојба.

– Од 28 септември до 14 октомври Јовановски беше во болница. Примаше разни инфузии и медикаменти. На 14 октомври, деен среда, го отпуштаат од болница. Тоа што пишува во отпусната листа е страшно. Со големи букви пишува строг режим и хигиена на ниво, најмалку 4 до 6 оброци на ден и задолжителен медикаментски третман. Но, завчера пак му се слоши и повторно е во болница. Претходно, разговарав со лекарот. Ми кажа дека од стомакот му извадиле два литри течност. Кој знае кога му пикнал чирот. Од стомакот му извадиле мешавина на гној и некаква течност. Лекарите најстрого препорачуваат нега во домашни услови. Затоа ние и бараме домашен притвор. За нашето барање бевме и на седница на Апелација бевме, но искрено не очекуваме дека ќе го уважат нашето, и мислењето на лекарите – вели Дуковски.

Во случајот „Рекет-2“ првообвинет е Бојан Јовановски познат како Боки 13, кој беше прв човек на невладината организација „Меѓународен сојуз“. Второобвинета е поранешната пратеничка Фросина Ременски која била заменик-претседателката на „Меѓународниот сојуз“, а потоа обвинети се Јасна Мандиќ, таткото на Боки Миле Јовановски и асистентката Христина Блажевска. Како правно лице обвинета е и невладината организација „Меѓународен сојуз“, чиј претседател е Боки.

Бојан Јовановски е обвинет за измама и перење пари. За помагање во извршување на измамата, обвинети се и Ременски, Мандиќ и Блажевска. За помагање на второто дело, перење пари, со обвинението се опфатени: Мандиќ, Блажевска и Миле Јовановски, кој исто така се товари и за неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје бидејќи при претрес во неговиот дом биле пронајдени три полуавтоматски пиштоли и муниција за кои немал дозвола.

За кривично дело измама се гони и „Меѓународниот сојуз“.

„Во периодот од 8 јули 2017 година до 13 април 2018 година првообвинетиот, како претседател на обвинетата невладина организација, со намера за себе да прибави противправна имотна корист, ги искористил документите од невладината и довел и одржувал во заблуда две оштетени лица. Тој лажно прикажувал дека ќе обезбеди државно неизградено земјиште за изградба на Европски центар за возрасни лица и мобилен сервис, како и субвенции од страна на државата и оштетените вака доведени во заблуда на штета на својот имот му исплатиле преку Македонска авторска агенција износи кои надминуваат значителна вредност, и тоа 719.905 евра, односно 233.821 евра во денарска противвредност“, пишува во обвинителниот акт.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот