Редарите не паѓаат на финтата „сертификатот ми е дома“

Преглед на ковид сертификати / Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Пред шопинг моловите стојат редари, кои во најголем дел сериозно си ја вршат работата, што ќе рече не пропуштаат ни „пиле да прелета“. Граѓаните кои ги затекнавме во продавниците се облека, велат дека се чувствуваат безбедно, бидејќи нема турканици и редици пред касите, особено за викендите

Во затворените трговски центри владее академска атмосфера, а ретките посетители се дочекуваат како најмили гости. Нема метеж и покрај големите попусти, угостителските објекти кои работат во нив се речиси празни, а „најголема“ посетеност има во маркетите.

Пред шопинг моловите стојат редари, кои во најголем дел сериозно си ја вршат работата, што ќе рече не пропуштаат ни „пиле да прелета“, оние кои сакаат да влезат ревносно ги отвораат своите телефони за да покажат дека имаат вакцинален сертификат, а некои си носат најлон папки во кои го чуваат овој документ на хартија.

Се уште има граѓани кои или се прават наивни и велат дека не слушнале за антиковид мерките или навистина излегле од дома неподготвени, но редарите не паѓаат на финтата „сертификатот ми е дома“. Сепак, на социјалните мрежи има и поинакви информации за одредени трговски центри, во зависност од тоа кој и кога се затекнал таму, па се реагира дека никој не ги проверувал граѓаните, но и дека пред касите во некои дуќани имало редици како и пред короната.

Откако стапија на сила новите владини мерки, во затворените трговски центри може да се влезе само од главната врата, каде е полесно да се контролираат купувачите. Така е и во големиот трговски центар во Аеродром. Влезот е исцртан, поставени се маркери, а граѓаните ги покажуваат своите документи. „Слободен печат“ присуствуваше на неколку обиди да се влезе без сертификат, кои редарите љубезно, но енергично ги одбија.

-Вакцинирана сум, ама не знаев дека треба да донесам потврда, дома ми е – упорно се обидуваше да објасни една постара жена. Но редарите не попуштија, со препорака да дојде повторно ама овојпат со документ.

-Има секакви обиди. Новите мерки не ставија во прилично незгодна позиција, иако може да се каже дека грото од граѓаните се информирани и доаѓаат со документи. Не смееме да пуштаме без доказ за вакцина, иако не молат, се правдаат, а некои богами и се лутат. Нема попуст за никого оти и нам ни е мило здравјето – велат некои од обезбедувачите.

Дел од граѓаните кои ги затекнавме во продавниците се облека, велат дека се чувствуваат безбедно, бидејќи нема турканици и редици пред касите, особено за викендите.

-Има попусти, а пробуваме на раат, нема поголемо задоволство за нас како потрошувачи. Знаеме дека ваквата ситуација не им одговара на трговците, но мора да се внимава – децидни се повеќето купувачи.

И во еден од шопинг центрите во Ново Лисиче, строго се внимава кој влегува. Редари се поставени од двете страни на единствениот влез, купувачите чекаат да ги покажат сертификатите, а не се пуштаат оние кои нема да покажат никаков документ. Продавачите велат дека деновиве имаат помалку работа, не само поради новите мерки, но и поради стравот од корона вирусот.

Затворените трговски центри и продавниците веќе сигнализираа дека работат со намален промет и до 40 проценти заради потребната вакцинација при влез на купувачите. Тие истакнуваат дека во споредба со регионот, вакви мерки за вакцинирани и невакцирани во трговските центри нема.

– Мерките се почитуваат и нема исклучоци, мора секојдневно да внимаваме бидејќи здравјето на вработените и купувачите ни е на прво место. Затоа константно внимаваме на сите протоколи. Би сакале уште еднаш Комисијата и Владата да ги разгледаат моменталните мерки, во спротивно ќе треба да ни се овозможи финансиски пакет мерки – реагираат од трговските центри.

Една доза вакцина веќе нема да биде доволна за во кафеана?

Министерот за здравство Венко Филипче, пред три дена најави дека здравствените експерти размислуваат за укинување на дозволениот влез во ресторани и на настани за лица кои се вакцинирани со само една доза. Оваа мерка ќе почне да се применува откако ќе биде оставен доволен период за граѓаните да ја комплетираат вакцинацијата.

-Експертите за имунизација имаат работни состаноци, во некој период, а ќе се остави најмалку еден месец, како критериум за јавни настани ќе биде потребно граѓаните да се целосно имунизирани. Тоа ќе се воведе по соодветна анализа на бројот на имунизирани граѓани со една доза и анализа на потребниот период за втора доза – рече министерот Филипче. Мерката само вакцинирани со барем една доза да можат да влегуваат во ресторани, на јавни настани и во трговски центри стапи на сила на 16 август.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот