Речиси 2.000 кандидати се пријавиле на огласот на СДСМ за пратеници

За кандидатските листи на СДСМ се шпекулира дека ќе ги водат стари партиски кадри, единствено Никола Димитров како непартиски кадар е можно да биде носител на ИЕ 1. За оваа позиција во игра е и Мила Царовска.

Партиите не откриваат кој се ќе се најде на пратеничките листи. Денеска лидерот на СДСМ Зоран Заев рече дека на огласот се јавиле околу 2.000 кандидати и дека првиот филтер го поминале половината од нив, но дека и оваа бројка на кандидати ќе биде редуцирана. Заев најави дека на Конгресот кој ќе се одржи на 9 март листите официјално ќе бидат објавени.

– Имињата на некои од кандидатите во одредени населени места се познати, но повеќето се уште се во процес на избор за учество на листите. Викендов ќе ни биде работен, верувам дека до последно како стигнуваат анализите, анкетите, истражувањата, кои се водилка во извештаите во селекционата комисија, по што ќе се сублимира конечноста на одлуките поврзана со кандидатите. Ќе можеме да соопштиме во понеделник, некои места ги знаеме, но голем дел уште не се знаат – рече Заев.

И ВМРО-ДПМНЕ не ги открива адутите со кои ќе трчаат на предвремените избори на 12 април. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски најави дека неделава ќе завршеле со партиските анализи, а наредната недела, во вторник, на Централниот комитет листите ќе бидат усвоени. Ден потоа, рече Мицкоски, на јавен настап листите ќе бидат презентирани. Мицкоски најави нови и непартиски луѓе, и посочи дека за таа цел биле анкетирани луѓе и од врвот на ВМРО-ДПМНЕ, но и од јавниот општествен живот. Биле земени предвид имиња на 500 личности.

– Привршуваат последните консултации во рамките на партијата. Структурата на листите е готова, привршуваат преговорите со коалициските партнери, дел од коалицијата „Обнова за Македонија“, но и со нови – рече Мицкоски.

И ДУИ, и Алијансата за Албанците ги подготуваат кандидатските листи, односно тие уште не се готови.

И додека партиите ги кријат во тајност имињата на пратеничките листи, дел од старите пратеници на СДСМ се надеваат дека ќе се најдат на нив. Неофицијално, се претпоставува дека повеќе од половина од сегашната пратеничка група нема повеќе да седнат во пратеничкото столче. Според неофицијални информации, истата судбина ќе ја снајде и пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Во јавноста се вртат и одредени носители на листите. За кандидатските листи на СДСМ се шпекулира дека ќе ги водат стари партиски кадри, единствено Никола Димитров како непартиски кадар е можно да биде носител на ИЕ 1. За оваа позиција во игра е и Мила Царовска. Двојката може да ја предводи Оливер Спасовски, третата изборна единица Љупчо Николовски, петтата Венко Филипче. За носител на кандидатската листа за пратеници во оваа изборна единица се споменува и Мила Царовска, и како носител на шестата изборна единица се споменува Мухамед Зеќири. Втората варијанта која јавноста веќе ја слушна е дека во шестата изборна единица носител ќе биде претседателот на БЕСА Билал Касами.

Денеска, претседателот на СДСМ, на новинарско прашање, дали ќе има измени во најавата дека партијата на овие избори ќе настапи со заеднички изборни листи со БЕСА, поради изјавата на претседателот на ДИК Оливер Дерковски дека со тоа партијата на Касами ќе загуби членови во Комисијата но и во избирачките одбори, Заев рече дека нема измени бидејќи коалицијата е објавена.

– На изборите ќе настапиме со заедничка пратеничка листа и со заедничка програма. Законот е јасен за сите аспекти и фази на изборите. Ако поединци ги насочуваат коалициите во насока на обесхрабрување во една држава која е обесхрабрување во една држава која е мултиетничко општество, тоа не води кон добро – рече Заев.

Во шестата изборна единица неофицијално битката ќе ја водат како носители на изборните листи, претседателот на ДУИ , Али Ахмети, на ДПА Мендух Тачи, на Алијансата за Албанците Зијадин Села. Но како и секои избори па и овие, изборните математики немаат крај. Заев не ја отфрли можноста од коалициска соработка и со ДПА на Мендух Тачи. Најави дека е можно да одржи состанок и да се видат резултатите од него.

Од ДИК велат дека имаат пријавено 6 листи кои собираат потписи за кандидати за пратеници. Во Изборната единица еден, потписи собирa Емилија Гелева, во ИЕ 2 Игор Цветковски, ИЕ 3, Зоран Мијалков, во петтата изборна единица потписи собираат двајца кандидати Горан Таковски и Петар Котевски и во шестата изборна единица потписи собира Исмаил Бојда. Секој од кандидатите треба да собере по 1.000 потписи кои треба да ги достави до ДИК најдоцна до 11 март на полноќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот