Реакција од Шведска до докторите за случајот на Маја Дамевска: Ако не знаете како да ординирате биолошка активна терапија, редно е да научите како

Благица Димеска е Македонка која живее и работи во Стокхолм, Шведска и поттикната од денешната сторија за голготата на прилепчанката Маја Дамевска низ македонскиот здравствен систем испрати протестно писмо кое го објавуваме во целост.

Ова е протестна нота до Клиниката за дерматологија во Скопје како и министерството за здравство на Р.Македонија во знак на подршка на Маја Дамевска Небрежанец, пациент од Прилеп која 57 дена помина низ голгота хоспитализирана на горе споменатата клиника.

Почитувани,

Очигледно дека Вие сте одродени од Хипократовата заклетва и етичкиот медицински кодекс судејќи по изјавите кои ги дадовте во своја одбрана за „Слободен печат“ по јавното излегување во медиумите од страна на Маја Дамевска Небрежанец.

Шокирана сум дека имате совест и доблест ноншалантно да пласирате невистини во име на пациент со ретка болест која е единствен регистриран случај во Македонија.

Засрамете се затоа што не направивте ништо ама буквално ништо освен што после долго чекање, молби и ургенции според добрата практика на македонското општество кое одамна е колабирано, ја запишавте пациентката во регистар за ретки болести, а и тоа Ви беше тешко.

Дали требаше да ургираме од Шведска во кабинетот на министерот или тоа е Ваша должност затоа и сте на функција.

Маја Дамевска Небрежанец е моја другарка од детство и колешка од факултет.

Маја има универзитетска медицинска диплома и е специјалист медицинско лабораториски аналитичар, а тоа значи дека не е лаик туку е писмена, образована и ги следи сите светски новини поврзани со нејзината здравствена состојба и нормално е да се бори за себе.

Маја не најде информација на фб или некој портал дека нејзината автоимуна болест се лекува со биолошко активно средство, па се сети да го предложи на Клиниката за дерматологија.

Прво Маја доби повратен меил од клиника во Турција, дека лекот Ритуксимаб може да ја подобри нејзината моментална состојба и да премини во ремисија.

Второ Вие треба да го знаете лекот, а и го знаете, но најлесно е дистанцирање од случајот со оправдување дека лекот е скап и не е на товар на фондот.

Да лекот е скап, но ако клиниката за реуматологија го има за свои пациенти што е тешко и вие да го набавите и во соработка со Вашите колеги да научите како да го ординирате лекот и како претходно да го спремите пациентот.

Дали треба пациентот да се изложува на скап третман во странство кога самиот лек го требува министерството за здравство во Македонија.

Срамота за титулите кои ги носите и позициите на кои сте. Колку за информација постои здружение за пемфигус вегетанс со свои програми за волонтери, Роше има своја бесплатна едногодишна програма за волонтери. Се прашувам дали вие воопшто сте помислиле како се решава случај или најлесно е примена на кортикостероиди без разлика дали пациентот е резистентен или не? Декортин и готово.

Маја не е болна од вчера туку од 27 годишна возраст, а тука се цели 15 години кортикостероидна терапија со егзацербација на целокупната клиничка слика.

Колку за информација на јавноста и медиумите затоа што сме сведоци на многу пациенти,возрасни и деца меѓу кои и Маја кои поради финансиски причини се приморани да молат на вратите на бирократскиот здравствен систем, Клиниката за дерматологија не ја удостои ургенцијата на премиерот Г-дин Зоран Заев ниту пак на Г-ѓа Славица Заева која излезе во пресрет на мој општ повик на фб преку контакти кои доброволно се јавија да помогнат.

Првично беше ветено дека Маја ќе биде префрлена на пулмологија бидејќи веќе споменатата клиника беше во припрема за КОВИД центар, потоа Маја беше префрлена на ендокринологија со надеж дека оттаму ќе биде спремана да го прими лекот, но Маја преживеа два тешки анафилактични шока од иста група антибиотици различен генерички состав што е исто така евидентен доказ дека не се мисли што се работи.

За „Слободен печат“ јас Благица Димеска најодговорно тврдам дека целиот напис од страна на Маја е точен и вистинит затоа што јас со неа поминав 57 дена на месинџер и целосно го знам случајот и се ангажирав да и помогнам.

Во прилог го испраќам одговорот од Турција и мојот апел за помош преку фејбук.

Со Почит,
Благица Димеска
Стокхолм, Шведска

 

Маја Дамевска од Прилеп: Гнојам од глава до петици и не ми даваат да се лекувам во странство!

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот