Васил Атанасов, обоист

Разговор со Васил Атанасов за неговиот уметнички јубилеј: Камерната музика за мене отсекогаш беше голем предизвик

Со концерти во Струмица и во Скопје со многубројни гости и разновидна програма обоистот Васил Атанасов на 27 и 28 април ќе одбележи голем професионален јубилеј – 50 години уметничка дејност.

Музичкиот уметник – обоист проф. м-р Васил Атанасов ѝ припаѓа на одбрана плејада репродуктивни уметници во македонската култура, која со својата силна уметничка дејност на концертната сцена, со моќниот говор на своите инструменти со експресивна интерпретација, но најмногу со искрениот и со љубов предаден однос кон музичката уметност, ја гради денешната музичка култура и традиција кај нас.

Оттука, одбележувањето на 50-годишен професионален јубилеј е значаен настан не само за обоистот Васил Атанасов, туку и за пошироката музичка јавност.

Што за еден уметник и изведувач значи да се опстои на музичката сцена цели 50 години?

– Делувањето на еден уметник во толку долг период го претставува целокупниот негов уметнички труд од самите почетоци, усовршување на уметнички план, изведба на нови дела, нови уметнички креации, преиспитување на самиот себеси и неговите уметнички можности за изведба на нови и нови дела, настапи во земјата и странство и одново докажување заради постигнатите резултати и позитивни рецензии, изданија на нови носачи на звук ЛП плочи, студиски записи, изданија на компакт-дискови со изведба соло, трио, квартет, квинтет, камерен и симфониски оркестар и одново докажување на своето јас!

Каков „другар“ е обоата со која живееш и работиш целиот професионален живот?

– Обоата е еден прекрасен инструмент, која не случајно ја нарекуваат „кралица на оркестарот“ поради своите квалитети на точна интонација, и затоа го штима оркестарот како најконстантен на сите временски можности и влијанија и својата звучност. Таа во симфониската и оперската музика со прекрасниот звук ги изразува најемотивните моменти на радост, тага, љубов, меланхолија, сонување, игривост, виртуозност итн.

Со еден збор, прекрасен другар, но премногу изискувачка во своите барања и затоа бара многу долготрајна работа за сигурност во изведбите, бидејќи е таква по природа и користи двојна пластинка-писка, а ризикот е секогаш присутен, но за добрите мајстори на својот занает тоа е надминливо.

Зошто одлучи професионалниот јубилеј да го одбележиш со два концерта?

– Моето уметничко делување е доста долго, како што знаете и вие новинарите, и затоа сметав дека мојот роден град Струмица заслужува концерт со моја посвета да ја споделам радоста со струмичани, бидејќи тука се корените на моето детство и младост и сѐ почна оттука.

А Скопје е вториот мој град, каде што го обликував моето музичко и уметничко високо образование, вработување во Македонската филхармонија уште пред дипломирање, бидејќи бев стипендист на Македонската филхармонија, и назначен за Прв обоист-солист и го поминав целиот свој работен век на тоа место сѐ до моето пензионирање и целото мое уметничко делување.

Кои и колку се пријателите колеги со кои ќе изведеш прилично разновидна музичка програма на концертите?

– Самиот наслов на концертот „Васил и пријателите“ кажува многу. Јубилејот ќе го одбележам со долгогодишни мои пријатели, колеги и соработници со кои низ годините имав одлична соработка, пријателство и дружење, и на тој начин и да заокружиме еден период на нашето опстојување.

Мои гости ќе бидат познати и врвни уметници, како Борис Трајанов – баритон, уметник на УНЕСКО и заслужен уметник на Македонија, примадоната на МОБ Весна Ѓиновска Илкова – сопран, Александар Дојковиќ – тенор, првенец на Белградска опера, академик Драган Даутовски – фолклорни инструменти, проф. Кохар Андонијан – харфа од Бугарија, младата и талентирана пијанистка Марија Дојковиќ, како и нашите познати уметници Тодор Светиев – пијано, Томе Атанасов – обоа, пијано дуо Катерина и Глигор Гелебешеви, Дарко Багески – гитара, Влатко Митев – фолклорен тапан, Скопски дувачки квинтет, женски хор „Св. Злата Мегленска“ и Камерен оркестар „Скопски солисти“, а водено од диригентската палка на маестро Иван Еминовиќ. Поетски збор ќе има г. Ефтим Клетников, а водител на настанот ќе биде познатата водителка Ирена Спировска.

Камерен оркестар „Скопски солисти“

Каква трага во твојот живот, воопшто, остави основањето и работата со камерниот оркестар „Скопски солисти“?

– Камерната музика за мене отсекогаш беше голем предизвик, ја сакав многу и ми беше задоволство, бидејќи камерниот звук е сплет на бои, околности и различен од солистичкото музицирање. Така беше и во овој случај. Пред повеќе од дваесет и пет години, кога згаснаа речиси сите ансамбли во МРТВ, се осети голема празнина, и тоа за мене беше повод јас со група колеги, познати музичари и дел млади талентирани колеги да го формираме Камерниот оркестар „Скопски солисти“, кој функционира до денес.

Низ него поминаа речиси сите врвни познати македонски уметници како солисти, но и огромен број млади музичари во оркестарот што ја бараа својата шанса за докажување. Мене ме радува што повеќето од нив беа успешни и сега се водечки музичари во оркестрите на Филхармонија и на Опера.

Значи, Камерниот оркестар „Скопски солисти“ се дел од мојот живот, осмислување на концертни програми, работа со млади таленти, организација на настани и концерти, кариера и иднина за младите уметници! Така што, „Скопски солисти“ се дел од мојата уметничка кариера кои во културното живеење кај нас и пошироко оставија видлива трага.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 330, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 25-26.4.2026)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот