Разговор со трансродов маж од Македонија: За секого има начин работите да излезат позитивни

Парада на гордоста во Скопје
Парада на гордоста во Скопје / Фото EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

И покрај донесувањето на Законот за спречување и заштита од дискриминација минатата година, според извештајот на ЛГБТИ центарот за поддршка во Македонија за јануари, февруари и март 2020, забележано е „успорување на одредени процеси за подобрување на состојбата со човековите права на ЛГБТИ луѓето, особено со распуштањето на Собранието на Република Северна Македонија и најавувањето на предвремените парламентарни избори кон средината на април“.

Извршниот директор на Субверзивен фронт, Антонио Михајлов, во интервју за Слободен печат, посочи дека од моментот кога е формирано ова здружение за сексуални и родови малцинства во 2013 година, има разлика во поглед на видливоста во јавната сфера, но сепак, таа е поизразена само кај ЛГБ лицата (геј мажите и лезбејките). Михајлов потенцира дека, да се биде трансродово лице не е избор, а зборува и за тоа зошто е есенцијално да се овозможи пристап до правни и медицински услуги без дискриминација врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет. Активистка за правата на трансродовите лица и сексуалните работници Лила Милиќ, во разговор за „Слободен печат“, детално објасни каква тортура може да стане навидум обичното одење во банка или болница.

„Слободен печат“ реализираше уште еден разговор со лице кое е дел од оваа маргинализирана група, овојпат со трансродов маж од Македонија. За ова интервју, поради безбедносни причини, лицето одлучи да го задржи својот идентитет во тајност. Тој е едно од ретките трансродови лица од Македонија кои можат да ја раскажат својата делумно успешна приказна. Делумно, бидејќи главните проблеми со кои се соочуваат трансродовите лица се’ уште се делат на правни и медицински, како и поради тоа што Бојан успеал да ги надмине пречките на потешкиот начин. Фактот што не може да зборува јавно на овие теми, без да го користи псевдонимот Бојан докажува дека стигмата и дискриминацијата во нашето општество се’ уште се присутни, но сепак, неговата тешка борба да биде тоа што вистински е, придонесе сега да се чувствува многу подобро во сопствената кожа.

Во продолжение, прочитајте го разговорот:

Здраво Бојан. Ти си трансродово лице кое успешно го усогласи внатрешното со надворешното. Како твојот живот се промени оттогаш?

– Здраво. Па можам да кажам дека мојот живот стана далеку подобар. Од една страна, се чувствувам свој, функционирам со самодоверба, немам негативни последици по менталното здравје, затоа што немам притисок од луѓето околу мене како што имав тогаш. Имам поквалитетни меѓусебни односи со луѓето кои ги среќавам. Во која било социјална ситуација настапувам со сигурност во себе, а во приватниот живот сум исто така многу посамоуверен, немам проблем кога ќе се погледнам во огледало, негативните чувства се далеку зад мене. Посреќен сум.

Како се справи со периодот од моментот кога го откри твојот родов идентитет, до моментот кога сфати дека имаш потреба за хируршка интервенција? Покрај сите предизвици од општеството, што тебе најмногу ти помогна да ја истераш битката до крај, да бидеш тоа што си?

– Морам да истакнам дека периодот пред да почнам со социјалната и медицинската транзиција ми беше најтежок. Од искуствата на пријателите гледам дека често и кај нив е така. На самиот почеток имав големи конфликти со семејството. Тогаш бев на факултет и тогашното друштво ми помогна да го пребродам тој период. Понатаму некои од конфликтите се решија, а некои контакти се прекинаа. Не беше лесно ни за момент. Меѓутоа ја имав поддршката од моите, што ми помогна да го започнам медицинскиот процес. Понатаму, со текот на времето, роднините со кои имав нарушени односи самите покажаа интерес за воспоставување контакт и работите се средија. Самите видоа дека нема во тој процес ништо спектакуларно, дека се’ е најнормално, дека јас имам работа и хобија и излегувам и се забавувам и сум креативен како и сите други. Така што кај мене процесот имаше многу позитивен епилог, иако почетокот беше прилично лош. Би сакал другите транс лица да имаат надеж томку поради ова. За секого има начин работите да излезат позитивни.

Факт е дека трансродовите лица во Македонија се соочуваат со дискриминација во повеќе сфери. Сепак, ти си една од ретките трансродови личности кое успешно се интегрира во нашето општество. На што се должи тоа?

– Точно е дека транс лицата кај нас речиси секогаш се мета на дискриминација, а неретко и на насилство од различен вид, вклучително и семејно. Граѓанските организации постојатно документираат случаи. Во однос на мојот случај, би истакнал дека не е се’ готово. Јас, како и повеќе други луѓе, се’ уште чекам да ми биде променета ознаката за пол, и тоа чекам повеќе години. Управата за водење на матичните книги молчи. Државата молчи. Прашање на време е кога и другите транс лица кои чекаат, ќе стигнат до Европскиот Суд, а тоа воопшто не ѝ оди во прилог на државата. Многу често ми се случува да бидам погледнат со чудење од страна на шалтерски работник, и да ми бидат поставувани крајно непристојни и интимни прашања. Ова се случува речиси секој пат кога треба да покажам личен документ. На страна од документацијата, во други ситуации немам проблем затоа што мојот изглед е целосно сменет поради медицинскиот процес, т.е. хормонската терапија. Меѓутоа документите се еден од главните проблеми на транс луѓето кај нас. Тоа не’ става во ситуација да не можеме да направиме многу нешта кои другите граѓани ги прават секојдневно и со леснотија.

Во 2019 година, Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур пресуди во корист на анонимизираното трансродово лице Икс, што е во корист на правата на сите трансродови лица во Македонија. Исто така, во мај беше донесен и Законот за спречување и заштита од дискриминација. Веќе во јуни, како претпоследна престолнина во Европа, ја проследивме првата Парада на Гордоста во Скопје. Овие три настани се навистина позитивни чекори напред, во споредба со состојбата и условите за целата ЛГБТИ заедница минатите години. Но сепак, и покрај пресудата во Стразбур, нова легислатива за трансродовите лица се уште нема, а сведоштва ни откриваат дека чувството на анскиозност пред да се застане на шалтер поради ознаката за пол, која останува непроменета и покрај транзицијата, нема да исчезне без институционално решение. Според тебе, кои решенија треба да се спроведат за поголема видливост и интеграција на оваа маргинализирана група, но исто така, како нашето општество би можело да биде поттик за побрза и ефикасна реализација на истите?

– Да, се случија повеќе работи во прилог на транс лицата, а и на целокупната ЛГБТИ+ популација. Меѓутоа, предлог-измените кои би овозможиле законско регулирање на промената на документите останаа во заден план прво поради подготовката за предвремените избори, а сега и заради пандемијата. Би истакнал, како член на оваа заедница и на иницијативата ТрансФормА, дека правото да се биде признат пред законот е едно од правата кои се неприкосновени дури и при услови на вонредна состојба. Во моментов не постои, а и претходно не постоеше, ниту една законска или уставна пречка за да се променат документите на сите транс лица кои чекаат. Никаде во нашите закони не пишува дека треба да се има направено операција. Исто така имаме проблем и со медицинските услуги, и тоа не само со оние поврзани со транзицијата, туку и најопштите, кои другите граѓани ги добиваат без проблем – ние често имаме проблем дури и со основните услуги само поради нашиот изглед или нашите документи. Така што, ќе резимирам: Треба да се изгласаат законските измени кои се потребни за транс лицата да можат да ги променат своите документи врз основа на самоопределување (т.е. без наметнување на медицински услови затоа што Уставот го штити телесниот интегритет), треба да се овозможат законски услови за да добиеме можност да добиваме здравствени услуги поврзани со транзицијата кај нас, а не да патуваме во странство, понатаму, да се спроведуваат одредбите од Законот за спречување и заштита од дискриминација, Законот за заштита на правата на пациентите и други закони што ќе овозможи во пракса еднаков пристап до добра и услуги во општеството. Во моментот транс луѓето имаат тешкотии со наоѓање работа, живеалиште, здравствени услуги и други основни услови кои се столбови на општествениот живот. Имаме доволно проблеми дури и без овие новонаметнати општествени услови. Европските перспективи на државава наложуваат да се овозможи поквалитетен живот за најранливите групи, меѓутоа во пракса ситуацијата е далеку од прифатлива. Но, ние нема да застанеме. Се’ што бараме е достоинствен живот и нема зошто да не го добиеме, кога граѓаните кои не се трансродови веќе ги имаат оне нешта кои ние ги бараме!

Сигурни сме дека во моментов, ова го читаат збунети родители од непознатото, млади лица исплашени поради она што вистински го чувствуваат, како и сите „други“ луѓе кои би можеле да влијаат во борбата против предрасудите и стеротипите за трансродовите лица. Која е твојата порака до нив?

– Најмногу се учи од лични приказни. Од семејства, од блиски пријатели. Има многу материјали на интернет. На родителите би им рекол да ги сакаат своите деца, безусловно да ги сакаат, затоа што доколку на нивното дете му треба транзиција, тоа ќе му ја донесе најголемата среќа. А тоа ќе го усреќи и родителот. Ќе донесе мир во семејството. Ќе донесе успех и продуктивност. На самите транс лица би им порачал никако да не се откажуваат. Да се биде свој не е лесно, но остварувањето е огромен успех! Најдете го својот пат. Целта на транзицијата не е иста за сите. Целта на транзицијата не е „да се оперираш“. Целта е да се најдеш себеси, да го најдеш својот пат и да најдеш начин да функционираш, на начин кој ти носи успех и позитивност. Доколку тоа значи медицински промени – не заборавај дека не е невозможно! Колку и да изгледа лоша ситуацијата – има начин да се подобри! На сите останати би им порачал да останат позитивни, конструктивни, а ако сакаат да бидат уште поголеми сојузници, има милион публикации и видеа со кои можат да придонесат кон подигање на свеста. И на крајот, на сите би им порачал, доколку имаат потреба, да стапат во контакт со иницијативата ТрансФормА. Пријателите на заедницата, како и самите транс луѓе и нивните семејства, можат да добијат различни видови бесплатна поддршка, за полесно и попријатно да најдат заеднички јазик и заедно да чекорат по патот кој ќе го зацртаат. Нема ништо поважно од поддршката од најблиските. Оттука почнуваат сите позитивни нешта.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот