Разговор со Теодора Николиќ, барменка: Луѓето се чудат кога ќе видат дека девојка им го прави коктелот

Фото: Приватна архива

„Инспирацијата да се занимавам со оваа професија е, веројатно, чувството во секој од нас кога ќе го пронајдеме она што нѐ движи и што сакаме да го правиме безусловно“, вели Теодора.

Неодамна се одржа 15. издание на Државното првенство на бармени во Македонија, во чии рамки се случи и првото „Скопје бар шоу“, каде што беа претставени најновите трендови во барската и коктел индустријата.

Победничката статуетка отиде во рацете на 24-годишната Теодора Николиќ од Скопје, која своите одлични вештини ќе ги претстави и на Светското првенство на бармени во прекрасната Мадеира, Португалија.

Во разговор за „Слободен печат“, таа ги сподели своите впечатоци од националниот натпревар, ни кажа што очекува од настанот во Португалија и ни раскажа како влегла во креативниот свет на правењето коктели.

Теодора, пред сѐ, честитки за победата на Државното првенство на бармени во Македонија. Сега, откако спласнаа првичните емоции, кои се твоите впечатоци од целото случување?

– Ви благодарам. Целиот настан беше доста интересен и едукативен. Покрај Државното првенство, кај нас за првпат се одржа „Скопје бар шоу“, каде што промотивно беа изложени многу штандови со различни видови алкохол. Исто така, се одржаа и доста мастеркласови со претставници од странство. Имам чувство дека сите си поминавме преубаво.

Ти ќе бидеш наша претставничка на Светското првенство на бармени во Мадеира, Португалија. Дали веќе имаш некоја замисла за твоето претставување и кои се твоите очекувања од самиот натпревар?

– Мислам дека, во моментов, немам никакви замисли во однос на моето претставување. Имам замисли во однос на работите што морам да ги работам за да би можело да се гради претставувањето како слика. Очекувањата од натпреварот за мене лично би биле да дадам сѐ од себе.

Фото: Приватна архива

Како почна твојата приказна со барменството? Што е она што те инспирираше да се занимаваш со оваа динамична и интересна професија?

– Приказната со барменството почна од голема желба што некако се роди во мене и еве сѐ уште, до ден-денес, ме расплинува и не ме остава. Инспирацијата да се занимавам со оваа професија е, веројатно, чувството во секој од нас кога ќе го пронајдеме она што нѐ движи и што сакаме да го правиме безусловно.

Дали имаш свој авторски коктел по кој луѓето те препознаваат?

– Веројатно, одговорот е „да“, бидејќи сум направила многу мои авторски коктели во неколку места во Скопје во кои сум работела. Но, исто така, не мислам дека би била тоа првичната асоцијација на која некој би се сетил на мене како барменка.

Фото: Приватна архива

Шанкот е место каде што неретко се слушаат забавни приказни од страна на гостите. Дали си имала некоја интересна ситуација што нема да ја заборавиш?

– Главно, би рекла дека секогаш ми било интересно кога луѓето биде зачудени поради фактот дека сум девојка и во моментот пијат коктел што многу им се допаѓа.

Правењето коктели е своевидна гастрономска уметност. Кои се баровите каде што си ги пробала највкусните коктели во Македонија?

– Не би спомнала барови, но би сакала да истакнам повеќе личности. Филип и Чукши, Вања, Цоне и Бабунче, Давид, Даци и Никола, Андрејчо мој. Исто така, голем поздрав до Дуле и Јошки кои, во моментов, не работат во Македонија.

Фото: Приватна архива

Според тебе, кои се најдобрите коктели на сите времиња?

– „Негрони“ и „дајкири“. Навидум преедноставни за правење, но се прекомплексни за да ги погоди некој и да ги направи правилно. Ретко каде има добро „негрони“ и добро „дајкири“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот