Разговор со Софија Стојановска: Моќно е да се биде жена во светот на бразилското џиу-џицу

Софија Стојановска
Софија Стојановска / Фото: Фото: Горан Филиповски

„Сметам дека ако си упорен – сѐ може да се постигне. И јас почнав со свое темпо, имаше предизвици низ целиот процес, имаше луѓе што не размислуваа како мене и ми беше предизвик да им докажам, можеби токму затоа што сум женско“, вели Софија.

Бразилското џиу-џицу e боречка вештина на самоодбрана, која е комбинација од традиционалното јапонско џиу-џицу и џудото. Таа е прилично нова боречка вештина, чии основачи Карлос и Хелио Грејси ја создале на почетокот од 20 век во Бразил.

Денес важи за еден од најпопуларните боречки спортови во светот, вклучувајќи ја и Македонија. Иако е доминантно машки спорт, сè повеќе жени покажуваат интерес за бразилското џиу-џицу и се решени да ги урнат родовите стереотипи кога станува збор за ваквиот тип спортови.

Една од нив е и Софија Стојановска, 27-годишна девојка од Скопје, која е скрам мастер по професија, а во своето слободно време обожава да планинари, да посетува часови по латино танци и да тренира бразилско џиу-џицу.

Таа е член на клубот „Енсо џиу-џицу“ од 2016 година и ги охрабрува и другите жени да ѝ дадат шанса на оваа боречка вештина, бидејќи вели дека придобивките од неа се многубројни.

Софија, како влеговте во светот на бразилското џиу-џицу?

– Подолго време размислував за тоа дека ми треба нешто подинамично за вежбање и активност од која ќе научам нови работи. Го споделив тоа со мои другари, кои веќе спортувале некоја боречка вештина, и тие ми препорачаа дека бразилското џиу-џицу би било супер за мене.

За среќа, еден мој тогашен колега членуваше во клубот во кој сум сега и ме покани да дојдам на тренинг. Првично, барав друштво за да не одам сама, но другарките не беа заинтересирани за таков навидум машки спорт. По два месеци убедување со другарките, си реков: „Јас почнувам“, и навистина почнав нешто убаво.

Фото: Горан Филиповски

Каква вештина е бразилското џиу-џицу и дали ги исполни Вашите очекувања кога почнавте да спортувате?

– Јас влегов во клубот „Карлос Маја“, кој денес е именуван „Енсо џиу-џицу“, кон крајот на 2016 година и оттогаш не го сменив бидејќи многу ми се допадна нивниот методички пристап. Уште од првиот тренинг почнав да работам со еден од понапредните членови, односно денешниот тренер Огнен, кој ни го води клубот, кој уште од почетокот ми покажа некои основи на џиу-џицу и соодветно ме воведе. Искрено, на почетокот бев збунета и ми требаше една година за да сфатам што правам, но токму тоа и ме привлече – сакав да ја решам загатката. Денес е малку поинаку и, можеби, полесно, но тогаш беше директно „влегување во огнот“ на сѐ што се случува во спортот.

Мене ми беше многу важно тоа што не сакав боречка вештина што вклучува удари, а во бразилското џиу-џицу сѐ се сведува на зафати во една контролирана средина. Ми се допадна тоа што во мојот клуб многу се внимава на тоа. Да, вежбаш боречка вештина, но луѓето со кои вежбаш се твои партнери, а не твои противници. Внимавате еден на друг и заедно учите. Едноставно, вие сте тим.

Нормално, низ годините се соочивме со различни предизвици, но ние ги надминавме токму поради луѓето што го водат тимот. Тоа се луѓе што имаат желба да направат прифаќачка средина за секој што ќе сака да дојде и да го вежба спортот, без разлика дали имаш или немаш вежбано боречка вештина досега, дали си спортски активен, дали си машко или женско – секој е добредојден и тренингот ќе биде приспособен за секој член.

Сметам дека ако си упорен – сѐ може да се постигне. И јас почнав со свое темпо, имаше предизвици низ целиот процес, имаше луѓе што не размислуваа како мене и ми беше предизвик да им докажам, можеби токму затоа што сум женско.

Фото: Горан Филиповски

Како жена, какво е чувството да се вежба спорт што е доминантно машки?

– Дефинитивно, предизвикувачки. Особено на почетокот. Денес можам отворено да зборувам со тренерот за сѐ, кому и му помагам во водењето на една почетна група. Исто така, комуникацијата и со другите членови е одлична. Но, тоа е нешто што јас сум го постигнала во еден процес што трае од 2016 година, па сѐ до денес. Со текот на времето, јас успеав оваа средина да ја претворам во моја комфорна зона. И за тоа ми требаа околу две-три години.

Додека да дојдам до тој комфор, јас имав периоди кога правев паузи од по неколку месеци. Не затоа што не сакав да го вежбам ова, туку затоа што ми беше тешко да се натерам да одам во средина каде што има толку многу предизвици. За моја среќа, запознав луѓе што ми станаа блиски уште од почетокот и луѓе што ме мотивираа да продолжам да вежбам со нивниот пријатен, удобен и интересен пристап.

Фото: Горан Филиповски

Дали досега сте се нашле во ситуација во која сте почувствувале родово заснована дискриминација за време на тренинзите?

– Да, имав ситуација во која еден нов машки член на клубот одбиваше да се бори со мене само затоа што сум женско, иако јас имав многу поголемо искуство од него. Тој беше член еден месец, јас спортував нешто повеќе од една година. Му објаснив дека, со оглед на тоа што е почетник, јас ќе можам да вежбам со него. Тој прифати, но во текот на целата вежба се смееше и не можеше да направи ништо. Искрено, таа ситуација ми беше многу потценувачка и дискриминирачка и тоа е единствениот непријатен момент што го паметам, токму поради тоа што беше родово базиран.

Сите други ситуации биле повеќе поврзани со его, а тоа е една од работите што се учат во овој спорт – како да се надмине егото, а од друга страна, да се задржи мотивацијата.

Фото: Горан Филиповски

Живееме во свет што некогаш може да биде прилично небезбеден. Дали зафатите во оваа боречка вештина можат да бидат ефикасно оружје за лична самоодбрана во реални ситуации?

– Да, може. Иако ние, при вежбањето, сме цело време на земја и ни делува како да не може да се примени тоа што го правиме во реална ситуација, сепак многу од работите што се користат во бразилското џиу-џицу се засновани на нешто што навистина може да се случи.

Оваа вештина ти го менува начинот на кој размислуваш, те тера да решаваш проблеми, да го научиш човечкото тело и да научиш како тоа реагира во одредени ситуации. Сметам дека најважно од сѐ е да научиш како ти би реагирал во една таква ситуација. Првичната реакција на секој од нас би била да избегаме, но самоодбраната е поинаков концепт.

Нашиот тренер е лиценциран за да прави тренинзи за самоодбрана и се надевам дека во некоја блиска иднина ќе имаме можност да ги оствариме тие корисни тренинзи. Досега имавме неколку пробни часови и тогаш сфатив дека, колку и да сум физички подготвена, не знам сѐ за самоодбраната. Мора да се напомене дека тоа е стресна ситуација, а тренинзите се во контролирана средина. Но, на тие часови јас научив дека колку и да е стресна ситуацијата, јас си давам простор да реагирам потрезвено и пообјективно да ја проценам ситуацијата. Не можеме да претпоставиме како ќе реагира личноста спроти нас, но убавата работа во овој спорт е што се учиш самиот себеси и начините на кои би реагирал. Според мене, тоа е најважно за самоодбраната.

Фото: Горан Филиповски

Кои се Вашите совети до сите девојки и жени што би сакале да почнат да ја вежбаат оваа боречка вештина?

– Едноставно, почнете. Не можам да зборувам многу за другите клубови, но можам да го споделам искуството во мојот клуб „Енсо џиу-џицу“. Доколку сте почетници, тренерите имаат убав методичен пристап. На почетокот ќе почнете со полесни тренинзи, на кои тренерите ќе ве подготвуваат неколку месеци пред да влезете во редовните групи.

Исто така, не се плашете да го искажете вашето мислење во однос на тоа што очекувате од самите тренинзи. Ако го искомуницирате тоа уште од самиот почеток, веднаш ќе добиете искрено мислење дали сте на вистинското место и дали овој спорт е за вас.

Нека не ве обесхрабрува тоа што сте жени.

Софија Стојановска
Фото: Горан Филиповски

ИНТЕРВЈУ | Савка Тодоровска, борец за женски права: Еднаквоста не е само женско прашање

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот