Разговор со поетот Борче Панов: Слоевита поетска приказна за светот денес

Македонскиот поет Борче Панов во краток временски период стана добитник на две книжевни награди во Хрватска, а минатата седмица беше во Загреб да си ја подигне наградата „Предраг Матвејевиќ“.

Добитникот на наградата „Предраг Матвејевиќ“ во Хрватска, Борче Панов, веќе триесет години го гради своето поетско портфолио во родниот Радовиш. Досега има објавено десетина поетски збирки. Избор од неговата поезија со препев на српски јазик направи српски писател Душко Новаковиќ и така се појави книгата „Бричење балон“, со која Борче Панов ја доби престижната награда во Хрватска.

За кратко време стана добитник на две награди во Хрватска. Како го доживеа доделувањето на наградата „Предраг Матвејевиќ“?

– Најпрвин сакам да нагласам дека наградите и признанијата не служат за да ја нахранат суетата на уметниците, туку за да ги поврзуваат културите на разните народи со квалитетот на различните вредности. И како што рекол Албер Ками дека научил да живее со мислата дека никогаш нема да најде мир и среќа, но дека ќе даде сѐ од себе помеѓу тие два моменти – така и јас давам сѐ од себе и преку моето творештво да се зголеми почитта, дигнитетот, прифаќањето и разбирањето на длабоката и вековитата културна и книжевна традиција на Македонија.

Врачувањето на наградата се одржа во библиотеката „Богдан Огризовиќ“ во Загреб

Инаку, овие две награди се однесуваат на две мои книги, односно големата книжевна награда „Предраг Матвејевиќ“ се однесува на книгата „Бријање балона (Бричење балон)“ во препев на големиот српски писател Душко Новаковиќ, а во издание на Друштвото на писателите на Србија по проектот за репрезентативни преводи од значајни македонски писатели. Оваа книга ја доби наградата како најинвентивна поетска книга од сите 70 пристигнати книги од значајни автори од бившите југословенски републики објавувани во 2018, 2019 и 2020 година, што само го потенцира фактот во каква жестока конкуренција е добиена наградата. Наградата е покрената од Малцинското друштво на писатели, Порталот „Радио Горњи град“ и ќерката на Предраг Матвејевиќ, а се се доделува без оглед на жанрот на книгата.

Наградата „Книжевно перо“ за книга на годината ја добив за мојата книга на хрватски јазик „Крв која жонглира са осам тисуча поетски мисли“ од Хрватското книжевно друштво од Риека во превод на Исидора Бобиќ и коректура на Валерио Орлиќ. Книгата ја издаде Хрватското книжевно друштво.

Наградите и признанијата не служат за да ја нахранат суетата на уметниците, туку за да ги поврзуваат културите на разните народи со квалитетот на различните вредности

Што лично ти значи творештвото на Предраг Матвејевиќ, индиректно и наградата со неговото име?

– Наградата е востановена во чест на Предраг Матвејевиќ (1932-2017), хуманист и интелектуалец со широк спектар, космополит, професор по француска литература и културолог, писател кој многумина го паметат по „Медитеранскиот бревијар“, „Втората Венеција“ и „Лебот наш“ – книги што се преведени и на македонски јазик. Предраг Матвејевиќ е еден од најзначајните хрватски писатели, есеисти и хуманисти. За мене Предраг Матвејевиќ е еден чудесен спој помеѓу книжевната наука и уметноста на зборот. И во овие книги и во книгата „Разговори со Крлежа“, Матвејевиќ, истовремено, и документарно и лирски ни ги отсликува премрежињата и убавината на животот во која како во „Медитеранскиот бревијар“ допира секаде каде што цветаат маслинките. Неговата универзалност, хуманизам и емпатија кон секој човек засекогаш ќе бидат причина неговите книги често да се отвораат како таинствени ковчежиња на возбудата.

Што содржи книгата „Бричење балон“?

– Книгата „Бричење балон“ е избор од мојата поезија направен од неколку мои книги од страна на преведувачот Душко Новаковиќ. Низ изборот се профилира линијата со визура на еден надреалистички поглед, кој станува чуден и потчинет на ловот на слики скриени во реминисцентната градина под очните капаци која ги поврзува сите навидум неповрзани нешта, ја покажува закривеноста и присутноста на севремето во метаморфозата на просторот во кој, на пример, во низот од сликата во која „сенката без која коцката не би била соба, или дрво и прозорец истовремено и во денот и во ноќта, или ветер во лисјата и црната ноќ со месечината / и сè слично до недоглед“ – во оксиморонски вез диктиран од самосоздадени и непредвидливи асоцијации. А сето така изведено за да се создаде една слоевита приказна за светот денес, кој веќе ја отворил Пандорината кутија од која еколошките катастрофи и војните се во равенство под дробната црта на трагедијата.

Од друга страна, ова е една топла книга во која човекот оптоварен со сите свои проблеми и болести седи во некоја клиника и таму ја наоѓа и својата љубов, како во случајот опишан во песната „Сизиф од Нефролошко“, во која лирските субјекти се жалат дека сизифовиот камен си го носат во бубрезите и дека од камењата забременети се препознале како бол и болка во љубовта и само Сизиф од Нефролошко понекогаш со ултразвук им ги крши камењата на животот.

Во книгата има и еден слој на песни датирани од раното детство и младоста во кои со поетската актуализација на мотивите се даваат универзални пораки за животот, а напати и за парадоксот на човековата лудост и глупост, како во песната „Огнен стаорец“ во која селани заради забава поливаат со нафта еден стаорец и го палат, а тој потоа влегува во една плевна полна со сено. Плевната пламнува како гламна, па изгорело цело село, па сето тоа прераснува во една метафора за причините на човековите несреќи, војни и катастрофи.

Како твојата книга се најде во конкуренција за наградата?

– Наградата дојде како последица на распишаниот Конкурс од Порталот „Радио Горњи град“ и Малцинското друштво на писатели на Хрватска со поддршка од ќерката на Предраг Матвејевиќ – Сузана Матвејевиќ. Во потесниот избор за ова признание најпрвин беа влезени шест книги, и тоа: Јелена Ленголд со „Повлекување“; Сања Ловренчиќ со „Кабинет за сентиментална и тривијална книжевност“; Семезедин Мехмединовиќ со „Ова време сега“; Борче Панов со „Бријање балона“; Марко Томаш со „Писма од југ“ и Владислава Војновиќ со „Епизодисти и јунаци“. Од сите нив мојата книга била едногласно избрана како најинвентивна и најдобра на конкурсот.

За крај, сакам да нагласам дека ми беше голема чест да ја примам оваа награда пред интелектуалната и книжевна фела од Загреб и пред амбасадорот на Македонија во Хрватска, господинот Мелеим Фетаи, но и пред претставникот од Италијанската амбасада во Хрватска, бидејќи надвор од конкуренција со наградата „Предраг Матвејевиќ“ беше награден и големиот италијански писател, сценарист и режисер Ери Де Лука.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 105, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 13-14 ноември 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот