Лина Вдови во сцена од филмот „Тата“

Разговор со Лина Вдови за документарниот филм „Тата“: Нема решение ако работите ги држиме под тепих

Во рамките на програмата „Зимски МакеДокс“ на 11 февруари, во 20 часот, во киното „Фросина“ во МКЦ ќе биде прикажан документарниот филм „Тата“ (2024) на Лина Вдови и Раду Чорнициу, а авторите ќе бидат присутни на проекцијата.

Документарниот филм „Тата“ („Tata“) на Лина Вдови (Lina Vdovîi), создаден во соработка со режисерот Раду Чорнициу, е повеќе од обична хроника на едно семејство. Тоа е храбро соочување со генерациската траума, со насилството како „наследен јазик“ и со тешкиот пат кон простувањето.

Сниман во период од шест години, во Италија, Романија и Молдавија, филмот ја документира суровата реалност на печалбарскиот живот, но и моќта на ранливоста што успева да ги скрши оковите на минатото.

Лина Вдови е истакната новинарка и истражувачка од Молдавија со меѓународно реноме, а во „Тата“ својата професионална прецизност ја насочува кон еден интимен дел од својот свет – нејзиниот однос со татко ѝ.

Со документарниот филм „Тата“ („Tata“) раскажувате длабока и интимна семејна приказна. Со каков личен мотив ја донесовте одлуката да го снимите филмот?

– Филмот започна со еден повик за помош од мојот татко, кој работеше во Италија повеќе од 25 години. Раду, мојот партнер и сорежисер, и јас заминавме таму едноставно за да разбереме што му се случува и, можеби, да видиме дали постои приказна вредна за раскажување, било како истражување или како филм. Во тоа време сè уште работевме на „Акаша, мојот дом“ (Acasă, My Home), нашиот прв заеднички филм, па веќе истражувавме покреативни начини на раскажување приказни.

Иако патувањето во Италија беше длабоко лично, не очекував дека проектот ќе стане толку интимно истражување на мојот сопствен живот. Тоа се промени кога татко ми почна да користи скриена камера за да ми снима видео-писма. Гледајќи ги, сфатив дека мораме да одиме подлабоко, подалеку од нашите првични намери, и да се соочиме со една поширока приказна за насилството, траумата и наследството. Приказна каде што границите меѓу личното и професионалното се замаглуваат, каде што жртвите можат да станат насилници (и обратно), и каде што траумата опстојува сè додека се плашиме да се соочиме со неа.

Лина Вдови, писателка, новинарка и продуцентка

Колку се длабоки корените на насилството и како се соочувате со него?

– Моето семејство е погодено од насилство со генерации. Тоа лебдеше над нас уште од времињата кога насилството честопати беше единствениот јазик меѓу луѓето. Родено од војна, сиромаштија, разделби и недостаток на образование, и на многу начини, од неспособноста да се изразат чувствата поинаку. Ранливоста во моето семејство отсекогаш се сметаше за слабост. Така што, она што го правам во „Тата“, во извесна мера, е предизвикување на тоа верување – сакам да покажам дека ранливоста може да биде политички чин и дека таа поседува и кинематографска моќ.

Дали снимањето на филмот го промени вашиот однос со вашиот татко, кој во филмот ви се извинува за неговите грешки од минатото?

– Да, многу го подобри нашиот однос. Донесе јасност и, искрено, го отстрани стравот што толку долго ја дефинираше нашата релација. Двајцата вложивме свесен напор подобро да се разбереме и повеќе да се слушаме. А тој е прекрасен со нашата ќерка, тоа е она што најмногу го ценам. Таа заслужува да има дедо, а тој заслужува шанса за љубов.

Сцена од „Тата“, филмска средба помеѓу татко и ќерка

Колку години го подготвувавте филмот заедно со Раду Чорнициу, со оглед на тоа што во филмот сте бремена, а во последните кадри вашата ќерка Астер е веќе порасната?

– Шест години – од август 2018 година, кога првпат заминавме за Италија, до септември 2024 година, кога ја имавме светската премиера на Меѓународниот филмски фестивал во Торонто.

Раду Чорнициу е сорежисер и партнер на Лина Вдови

Во филмот користите материјали од ВХС-снимки и од скриена камера. Како ја создадовте драматургијата на приказната?

– Визуелно, филмот обединува ВХС-снимки, хаотични кадри од скриена камера и „verite“ материјал. Пронаоѓањето начин сите овие видови слики да се задржат во една целина беше еден од најтешките делови на процесот. Поминавме една и пол година во монтирање, барајќи ја вистинската форма, и неизмерно сум благодарна што бевме опкружени со брилијантни соработници што ни помогнаа да ја обликуваме приказната.

Работевме со тројца монтажери, двајца консултанти за монтажа и многу други креативни гласови кои го понудија своето видување во текот на процесот. На крајот, нарацијата (voice-over) беше она што овозможи сè да се спои – таа стана нишката што ги поврза сликите и ѝ даде кохерентност на приказната.

Работите како новинарка што преку пишување се бори против насилството. Можно ли е да се прекине кругот на насилник и жртва?

– Верувам дека да. Но, исто така мислам дека е потребно многу работа и труд. Отфрлањето на токсичните однесувања и учењето нови начини на постоење во светот е тешко, и речиси е невозможно да го направиш сам. Со помош на терапевти, семејството и пријателите, промената станува можна.

Првиот чекор кон исцелување, и индивидуално и колективно, е отворено да се зборува за овие искуства. Тоа е она што го правиме и во новинарството – укажуваме на проблемот, бидејќи нема решение ако ги држиме работите во мрак. Проблемите треба да се адресираат, а не да се туркаат под тепих, како што милуваме да правиме во нашиот дел од светот. Молчењето го штити насилството, додека зборувањето за него го прави исцелувањето можно.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 319, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 7-8.2.2026)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот