Разговор со Костадин Шурбановски и Ангела Јовковска: Стил на возење без никакви ограничувања и предрасуди

Во редовниот понеделнички термин, на 28 март се емитуваше 1000-то издание на музичкото радио-шоу „Розе кадилак“, кое веќе 25 години е дел од програмата на Музичкото радио „Канал 103“.

Славеничката 1000-та емисија на „Розе кадилак“ во понеделникот имаше ревијален карактер. Актуелните водители Костадин Шурбановски и Ангела Јовковска одбраа дел од песните што дадоа белег на емисијата во изминатите две и пол децении.

Прославата на јубилејот планираат да ја продолжат со пладневно матине на 2 април на платото пред МКЦ. Настанот ќе почне со дружба со основачите, водителите, соработниците и пријателите на „Розе кадилак“ во 17 часот, а во 21 часот ќе продолжи со настап на скопскиот акустичен арт-терорист Владо Манчевски и на српскиот бенд „Ева Браун“ во сала „Фросина“.

За почетоците на емисијата „Розе кадилак“ разговаравме со Костадин Шурбановски, а свои размислувања ни прати и Ангела Јовковска.

Се сеќавате ли со каква цел беше востановено радиошоуто „Розе кадилак“?

– Секако дека се сеќавам. Кон средината на деведесетите на „Канал 103“ завладеа своевидна техно диктатура, еуфорија и некритичка фасцинација од електронскиот звук којашто ги окупираше речиси сите пори на радиото, заканувајќи се да се претвори во тортура што ќе ги истисне сите други музички правци од овој мошне значаен и влијателен алтернативен медиум. Тоа нè поттикна, со Саша Павловиќ – Фреш, да понудиме поинаква радиоприказна во форма на еклектична топ-листа, во којашто ќе им дадеме шанса на различни музички стилови, всушност на целата таа музика што и онака се вртеше на нашите домашни грамофони, касетофони и ЦД-плеери. Со еден збор, да му дадеме шанса на она што ние мислевме дека е добар вкус во светската, но и домашната музика, без никакви ограничувања и предрасуди.

Емисијата веќе 25 години се емитува на програмата на Музичкото радио „Канал 103“. Како успеавте да го одржите континуитетот?

– Упорноста, инаетливоста и тврдоглавоста во желбата да се презентира скриена убавина, неоткриено звучно богатство, музика вон секаков дофат на меинстрим медиумите, е горивото што го одржа ова долго патување со „Розе кадилак“. Имаме среќа дека таквата музика излегува секој ден, секоја недела, секој месец, во континуитет, што е дополнителен мотив и предизвик да се ископа, преслуша и избере есенцијалното, најдоброто за слушателите.

Почетоците на емисијата се поврзани со друг водителски тандем. Практично низ какви промени минуваше „Розе кадилак“ во изминативе 25 години?

– Водителите се менуваа, единствено јас останав константно од самите почетоци. Но, секој од моите партнери во „Розе кадилак“ (Саша Павловиќ – Фреш, Виктор Георгиев – Виџи, Јован Миовски – Брамс и Ангела Јовковска – Енџи) внесе свој здив, своја визија, своја енергија, свој стил на возење, создавајќи специфичен водителски и музички профил, карактер и рафинман на емисијата. Сепак, последната постава, тандемот со Ангела Јовковска најдолго опстана, веќе полни 19 години сме заедно во шоферската улога.

Водителскиот тандем Костадин Шурбановски и Ангела Јовковска во студиото на „Канал 103“ / Фотографија: Зденко Петровски

Колку насловот на емисијата го диктира карактерот и жанрот на музиката што се емитува?

– Името на емисијата беше идеја на Саша Павловиќ. Совршено легна, иако е прилично апстрактно, не е на прва топка, нема баш некоја конкретна, директна стилска или жанровска асоцијација или врска, освен можеби со рокенролот (познат е, нели, розовиот кадилак на Елвис). За мене, „Розе кадилак“ претставува симбол на индивидуалност, посебност, инаквост, нон-конформизам, слобода по која трагаме сите овие години… Нешто слично како јакната на Сејлор (Николас Кејџ) во филмот „Диви во срцето“, за којашто тој неколку пати во филмот рече дека е симбол на неговата „индивидуалност и верба во лични слободи“.

Работите од старото студио во МРТВ, но дали промената од аналогно во радио што својата програма ја емитува преку интернет имаше влијание врз работата на „Канал 103“?

– Ние во „Стотројка“ ги прифативме новите технологии во радиосферата и ја емитувавме програмата на интернет далеку пред да ни биде одземена фреквенцијата, што значи дека веќе долги години имавме онлајн стриминг кога се случи исклучувањето од ФМ-скалата. Оттаму, немаше потреба да се прилагодуваме кон некаков нов начин на работа диктиран од новиот начин на „зрачење“ во етерот. Само ги искористивме и збогативме алатките за привлекување публика и промовирање на нашата работа. Но, борбата за враќање на ФМ-фреквенцијата продолжува. Нема да се откажеме од неа и да се помириме со ваквиот нерешен статус на радиото и луѓето што ја создаваат програмата. Триесетгодишната успешна стотројкашка приказна во која се вложени многу љубов, искреност, пот и ентузијазам, без никаков финансиски надомест, едноставно мора конечно да биде валоризирана, признаена и легализирана од страна на општеството и институциите. Тоа е наш приоритет – „Канал 103“ МОРА да се врати на ФМ-скалата!

Развојот на технологијата го олесни пристапот до музиката. Имате ли клучни зборови при пребарувањето на новата музика и новите бендови?

– Ново, свежо, инспиративно, возбудливо, оригинално, квалитетно, неконвенционално, прогресивно, необично, интересно… генерално, тие би биле клучните зборови, односно насоки при потрагата по нова музика, но, се разбира, ова треба да се сфати фигуративно, а не буквално, бидејќи новата музика, секако, не ја пребарувам и слушам со помош на употреба на клучни зборови. Во последниве неколку години слушам редовно нови синглови, огромна бројка, околу 500-600 неделно, од сите можни жанрови и стилови. По пат на селекција, филтрирање или „требење“ доаѓам до музиката што мислам дека е светска есенција и музички релевантна во моментот. Таквиот метод на откривање и избор на нова музика ми изгледа најсоодветен за еден современ радиопрезентер, бидејќи во морето звуци што се произведуваат секојдневно само она што е најинтересно и најоригинално може да исплива на површината.

Фотографија: Зденко Петровски

Ангела Јовковска: Радиото носи спектар од емоции

Имајќи предвид дека подоцна се вклучивте во реализацијата на емисијата, што беше пресудно за таквата одлука?

– Концептот на емисијата (сосема поразличен од концептот на мојата авторска емисија), можноста за контакт со нова и поинаква, а сепак квалитетна и интересна музика, водителската динамика и енергијата на Шурбе – секогаш позитивна. Дел од музиката е музика што ја слуша Шурбе, дел е музика што ја слушам јас, а голем дел е сосема нова музика и за двајцата.

Какви емоции ве поврзуваат со музичкото радио „Канал 103“?

– Спектар од емоции – позитивни. Радосни. Тажни… и пак позитивни.

Каде ја гледате иднината на радиото како медиум, воопшто?

– Радиото може да има магија каква што нема ниту еден друг медиум. Мислам дека радиото секогаш ќе биде актуелно и релевантно на ваков или онаков начин. Верувам дека ќе доживее ривајвал. Како грамофонот и плочите.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 123, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 2-3 април 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот