Разговор со Дарко Набаков: „Лупење идеи“ на „МакеДокс“

Магичниот простор на Куршумли ан од 18 до 25 август ќе биде збирно место на околу 70 автори на документарни филмови од целиот свет, а тоа ќе се случи во рамките на 13. издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“.

Тринаесетото издание на фестивалот „МакеДокс“ ќе се реализира од 18 до 25 август под мотото „Лупење идеи“, а фокусот оваа година е ставен на развојот на идејата во процесот на создавање на документарниот филм. По тој повод разговаравме со Дарко Набаков, извршен директор на фестивалот, историчар на уметност и актер.

Со каква идеја одлучивте мотото на фестивалот да биде „Лупење идеи“?

– Оваа година фестивалот го најавивме со една мисла од Ник Кејв: „Деновите ни се избројани. Не можеме да си дозволиме да безделничиме. Подобро да се обидете со некоја лоша идеја отколку да седите со скрстени раце. Всушност, само ако се обидете, ќе дознаете дали имала некаква вредност. Таквата идеја понекогаш е најмалото нешто на светот. Мало пламенче над кое бдеете штитејќи го со дланките, молејќи се да не го угасне бурата што дивее наоколу. Ако успеете да го зачувате тој пламен, околу него ќе можете да изградите големи нешта – моќни, величествени нешта, кои можат да го менуваат светот, поткрепени од најмалите идеи“.

Сметаме дека по две години светска пандемија време е да им дадеме шанса на идеите, да поставиме ново плато од каде од почеток ќе ги испишуваме и развиваме. Процесот на развој на идеите претставува значаен сегмент во создавањето на еден креативен документарен филм, а тој најчесто знае да трае и со години. Интересно е тоа дека тој буквално претставува бело платно на кое првичната идеја на авторот е само зачеток и во процесот на истражување, снимање, консултации, развивање, понекогаш целосно се менува и зазема други правци. Не ретко крајните филмови што ги гледаме започнале со сосема друга насока.

Токму на ваквиот важен процес многупати, особено во регионот, поради недостаток на финансии, време и можности, не му се посветува доволно внимание. Во ваквите случаи добиваме филмови што не го искористиле својот вистински потенцијал, бидејќи пребрзо влегле во процесот на продукција. Токму затоа фокусот го ставаме на развој на идеите, сакајќи да обрнеме внимание на важноста на истиот.

Како е замислена програмата за овогодинешното издание на „МакеДокс“? Дали ќе има онлајн-проекции и на кои локации ќе се одвива фестивалот?

– Во овие две години бевме едни од ретките фестивали на документарен филм во Европа што ниту еднаш во целост не се откажа од физичките проекции. Сметавме дека колку и да се рестрикциите големи процесот на славење на културата во живо е значаен за сите нас, па макар и на физичка оддалеченост.

Сепак, среќни сме што оваа година ќе имаме фестивалско издание без рестрикции и протоколи. Затоа сите филмови ќе бидат прикажани во живо на големо платно на три локации во Скопје – Куршумли ан, пред Куршумли ан и во МКЦ. Се надеваме дека ова во целост ќе ја врати фестивалската енергија и ќе биде уживање, како за домашните, така и за странските посетители. Останува, сепак, мал дел од нашиот копродукциски форум – МакеКоПроДокс да се реализира во хибридна форма поради неможноста сите експерти навреме да пристигнат во Скопје.

Петрула Вељановска, Дарко Набаков и Сара Ферро на прес-конференција за 13. „МакеДокс“ / Фотографија: Сашо Алушевски

Колку домашни и странски филмови ќе бидат прикажани оваа година и какви гости се обидува да привлече фестивалот?

– Програмата оваа година ја сочинуваат повеќе од 70 филмови поделени во четири натпреварувачки категории кои се борат за пет награди, како и две засебни програми: Земја во фокус – Чешка и Програмата за деца и млади. На наше огромно задоволство, на фестивалот ќе присуствуваат повеќе од 70 странски гости, автори и професионалци од документарниот свет од целиот свет. Оваа година ни пристигнуваат автори од Аргентина, па сѐ до Индија. Како и секоја година, наша целна публика се сите оние од 7 до 77 години што знаат да го препознаат и сакаат да уживаат во креативниот документарен филм.

Сметам дека „МакеДокс“ прерасна во настан за публиката во градот што на крајот на летото им овозможува да поминат магично време со блиските зборувајќи за теми и идеи кои документарните филмови слоевито им ги носат од целиот свет.

Слоевите „Ширење видици“, „Докуникулци“, „Македокс во училница“, „Македокс во кино“, Младински филмски клубови, АКТив, „Ние сме визуелни“, „Moving docs“, БДДМ… се дел од мрежата низ која дејствувате и допирате до публиката. Што од сето ова ќе се случи на фестивалот?

– За првпат оваа година фестивалот има свој почесен гости – чешката режисерка Хелена Тшештикова, која сама по себе е феномен во документаристиката. Таа своите филмови ги создава следејќи ги ликовите некогаш и по повеќе од 20 години. На 20 август таа ќе го одржи својот мастерклас по наслов „Разговор за идеите во документарните филмови“, а ќе биде модериран од „европскиот ментор за развој“ – Туе Стен Милер. Туе, исто така, ќе има своја тридневна работилница на која учествуваат проекти во развој од целиот регион. Секако, тука се и препознатливите „Разговори под смоква“, кои и оваа година ќе отворат значајни теми за документаристиката и за потребите на документарните автори.

По една година пауза, повторно вториот модул од школата за документарен филм „Докуникулци“ ќе биде реализирана за време на фестивалот. Во оваа едногодишна школа учествуваат 10 млади луѓе од цела Македонија, кои преку процес на менторирање ги реализираат своите идеи за документарен филм.

Но, сепак, дополнителните фестивалски активности нема да завршат на 25 август, бидејќи во септември продолжуваме со креирањето на нов прирачник за користење на документарниот филм во училиштата. Овој пат наставните единици и лекциите ќе бидат креирани од избор на професори што досега ги имаат поминато обуките на „МакеДокс“ и активно ги користат филмовите во секојдневната настава. Годината ќе ја завршиме со декемвриското издание на фестивалот – „Зимски МакеДокс“, во чии рамки ќе има онлајн презентација на победниците од националните програми на мрежата „Dok Around Europe“, на која „МакеДокс“ е еден од основачите.

Фестивалот е фокусиран на развојот на идеите, но кое е значењето на креативната документаристика?

– Последните години мислам дека ја докажаа важноста на документарниот филм во целиот свет. Публиката сѐ повеќе сака да ги види живите приказни претставени преку одреден авторски печат. Креативната документарстика е токму тоа, документаристички израз преку кој ние можеме да го препознаеме авторскиот потпис, да ги видиме и полемизираме со неговите избори и решенија. Сметам дека креативниот документарен филм сѐ уште е во подем и за него допрва ќе следуваат „златните времиња“.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 141, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 13-14 август 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот