Разговор со Бети Котовчевска: Македонката која се капе во студени води, личен рекорд ѝ е минус 33 степени

Бети Котовчевска
Бети Котовчевска / Фото: Приватна архива

„Барав начин како да се вратам кон себеси, како да станам посилна верзија од себе, за на крајот да завршам со најјаката верзија и така до бесконечност. Вим Хоф, мојот втор татко, тој беше мојот главен учител. А, потоа си оставен сам на себе – ти, дишењето и ладната вода“, вели Бети.

Холандскиот екстремен спортист Вим Хоф е светски познат по неговата неверојатна способност да издржува студ. Тој тврди дека со оваа пракса се зајакнува човековиот имунитет и поради тоа го осмислил неговиот метод, кој има три компоненти: правилно дишење, постепено изложување на студ, односно студена вода, и посветеност.

Бети Котовчевска од Ресен е една од оние кои редовно го практикуваат методот на Вим Хоф. Оваа 27-годишна девојка со голема страст ја истражува Македонија, за која вели дека изобилува со прекрасни езера и водопади каде што може да се практикува капење во студена вода. Нејзиниот личен рекорд е капење во студена вода на минус 33 Целзиусови степени, во финскиот регион Лапонија.

Таа има повеќе од 13.000 следбеници на социјалната мрежа Инстаграм (@_betika_), каде редовно објавува прекрасни фотографии од нејзините подвизи. Вели дека нејзината мисија е да го врати допирот на луѓето со природата.

Бети, како и кога почнавте да го применувате методот на Вим Хоф?

– Пред седум години, на 20-годишна возраст. Тогаш се соочував со непознати и неискусени чувства во моето тело, коишто требаше да бидат излекувани, затоа што слабееше моето психичко и физичко здравје. Кога погледнав подлабоко во природата, тогаш сфатив дека сите одговори, за нашите физички и психички проблеми (болести) во нашиот храм (телото) можат да бидат излечени со Мајка природа. Бев дете коешто се капеше со врела вода и имаше слаб имунитет, но имав храброст и волја да се сменам себеси, па решив да истражувам малку повеќе за зголемување на имунитетот на природен начин. Се плашев од ладна вода, па решив да запливам во стравот. Почнав постепено, чекор по чекор, без никакво форсирање.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Betika ✨ (@_betika_)

Дали може да ни кажете нешто повеќе за него?

– Подолго време истражував и се едуцирав од сите можни извори пред да го започнам моето патешествие. Барав начин како да се вратам кон себеси, како да станам посилна верзија од себе, за на крајот да завршам со најјаката верзија и така до бесконечност. Вим Хоф, мојот втор татко, тој беше мојот главен учител. Тој беше темелот. А, потоа си оставен сам на себе – ти, дишењето и ладната вода. Перфектен баланс на твојот ум и тело, желно за повторно раѓање.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Betika ✨ (@_betika_)

Кои се здравствените придобивки и кој сѐ може да го применува овој метод?

– Капењето во ладните води има придобивки на целото наше тело – како физички, така и психички.

Прва работа која би ја спомнала е дека нѐ учи да дишеме правилно. Дишењето е најважно во оваа дисциплината. Студената вода ја стимулира т.н. „сина точка“ во мозокот, што што се поттикнува создавањето на норадреналин, хормон кој ја намалува депресијата. Исто така, позитивно влијае на хормоните и плодноста.

Овој метод го подобрува и го јакне имунитетот – јас не знам што е болест веќе седум години. Студената вода го зголемува бројот на бели крвни зрнца кои, пак, се директни заштитници на имунитетот.

Ни дава поголема енергичност, нѐ прави да сме будни и чувството е како да се раѓаме одново. Опушта и го намалува стресот. Го разбиструва умот и телото, го прави поцврсто и позатегнато. Контрахирањето на мускулите во ладна вода е мелем за размрдување на лимфата која, всушност, е задолжена да ги отстрани отпадните материи.

Расонува и го подобрува сонот. Ја подобрува срцевата работа. Ја остава природната маснотија на вашата кожа и коса. Ги контролира емоциите. Помага при намалување на телесна тежина и го забрзува метаболизмот. Ја подобрува слабата циркулација на крвта. Помага за закрепнување на мускулите и е нешто што сите професионални спортисти го користат.

Голем број луѓе ширум светот го практикуваат овој метод како секојдневна рутина, како дел од нивниот живот. Шетајќи низ светот, јас видов луѓе од сите возрасти кои го применуваат методот на Вим Хоф – од најстаро до најмладо.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Betika ✨ (@_betika_)

Дали е потребна одредена подготовка претходно?

– Секако, да. Прво, направете неколку вежби, загрејте го телото, размрдајте се. Потоа следува аклиматизација – пред да влезете во студената вода, разголете го вашето тело, почувствувајте ја температурата со која се соочувате и температурата на водата. Студените води можат да бидат многу опасни, затоа бидете сигурни за местото и тактиката како лесно ќе влезете и брзо ќе излезете од водата.

Една од најважните работи при ваков „шок“ на телото е дишењето. Дишете правилно и бавно, воздухот да ви стигне до дијафрагмата. Во таа ситуација, вашиот адреналин е веќе на високо ниво, па затоа со правилно дишење стимулирате баланс.

Зависно од временскиот период, пожелно е да носите капа (волнена или за пливање). Исто така, ако сте почетници треба да носите и чорапи, со тоа што пред самиот чин ќе избегнувате стапалата дирекно да ви се изложат на студ, туку ќе одите постепено.

Ако сте почетници – не нуркајте! Ладната вода може да ви го отежни дишењето, нешто што може да предизвика голем шок кој може да биде опасен. Имајте свои граници, но и времетраење колку да останете под вода.

После самиот чин битно е загревањето на телото, кое мора да биде постепено, а најчесто пожелна е волнена и топла облека, а исто така можете да се напиете и некој топол пијалак.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Betika ✨ (@_betika_)

Кој е Вашиот личен рекорд и што е она што си го имате поставено како цел во иднина?

– Мојот личен рекорд е минус 33 Целзиусови степени, во финскиот регион Лапонија. Јас сум екстремист по природа – почнав со ладен туш, завршив во мраз. Кога мразот не ми беше доволен, си направив нов предизвик, па почнав да се капам во истечни води (водопади). Сѐ уште немам сретнато нешто постудено од водопадите, а ако сретнам – тоа ќе ми биде новата цел.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Betika ✨ (@_betika_)

Кои места во Македонија Ви се омилени кога станува збор за капењето во студена вода?

– Секаде каде што има вода, таму ме има и мене хахаха. Омилени места ми се езерцата што се лоцирани во срцата на планините. Такви се, на пример, Вевчанското Езеро и Големото Езеро. Но, во последните неколку години се посветив на водопадите во Македонија бидејќи сфатив дека имаме многу. Секојдневно откривам по нешто, па со задоволство ги споделувам тие работи и на мојот профил за да биде видена таа убавина. Ги обожавам сите водопади во Македонија, а најголема љубов ми се Бабунските Водопади.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Betika ✨ (@_betika_)

Вие сте една од најследените Македонки на Инстаграм, која неретко објавува свои фотографии во разголено издание. Кој е Вашиот став за сексуализацијата на женското тело на социјалните мрежи?

– Сметам дека човековото тело е нашиот прекрасен храм. Ние сме дошле на овој свет голи и не треба да се срамиме од себеси. Сѐ е учење, моментот кога ќе се прифатиш себеси тогаш ќе се ослободиш од сите стеги што си ги создавала, а всушност ти ги наметнало општеството. Нѐ натерале да се изгубиме себеси за да се вклопиме во некој шаблонски живот што, за жал, сѐ уште преовладува тука. Тоа се некои измислени илузии за тоа како трева да изгледа твојот живот.

Ми требеше долго време да се прифатам себеси, да се засакам и да почнам да живеам онака како што вистински сакам. Сфатив дека луѓето секако ќе ме осудат, но најважна е мојата среќа. Животот е еден и единствен, уникатен за секој од нас. Ниту едно битие не е исто, па зошто да не го уживаме животот онака како што нам ни се допаѓа?

За мене, да се биде гола е да се биде жива! Мојата мисија е максимално да ги спојам луѓето со природата, да ѝ се отворени како пред огледало. Мислам дека во Македонија, за жал, имаме сексуализација на сѐ. Буквално на сѐ. Така што, мојот став е: Не смееш никому да му судиш, дури ни себеси. Живеј го овој прекрасен живот и насмеј се!

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Betika ✨ (@_betika_)

Која е Вашата порака до сите оние кои би сакале да го испробаат методот на Вим Хоф?

– Не се плаши, верувај си! Ти си многу помоќен од што можеш да замислиш! Избори се! Оние кои не се чувствуваат сигурни во себе, слободно нека ме исконтактираат на мојот инстаграм-профил @_betika_. Јас со многу љубов и трпение би ги водела кон еликсирот на младоста! Во иднина планирам да организрам групни и индивидуални работилници, на кои ќе едуцирам луѓе за овој метод којшто постои од многу стари времиња.

Повеќе интервјуа на Катерина Стевовска:

Разговор со Сашка Кузманова: Изработката на перики за пациенти со рак е повеќе од благородна работа

Разговор со Софија Стојановска: Моќно е да се биде жена во светот на бразилското џиу-џицу

Разговор со Михаела и Филип Илиоски: Парот што го искачи највисокиот врв во Македонија заедно со шестмесечниот син Исак

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот