Разговор со архитектот Стеван Смилевски Кокан: Просторот е медиумот во кој се овоплотува архитектурата

Стеван Смилевски Кокан во Музеј на град Скопје

По повод јубилејот 75/45 на архитектот Стеван Смилевски Кокан во Музејот на град Скопје во текот на декември е поставена изложба на архитектонски дела со наслов „Звук и светлина“.

Архитектот Стеван Смилевски Кокан со изложба на архитектонски дела одбележува два свои јубилеи – 75 години живот и 45 години творечка работа во областа на архитектурата.

Во образложението за изложбата „Звук и светлина“ тој посочува: „Светлината и звукот се бранови движења. Од светлината можеме да видиме само еден мал дел, видливиот дел од спектарот, какви што од звукот можеме да чуеме само одредени фреквенции. Нашите мисли се фреквенции, ги вградуваме во делата, сликите, музиката, архитектурата, стремејќи се да не ги нарушиме законите на природата“.

Изложбата во Музејот на град Скопје открива панорама на проекти кои оставиле значајна трага во неговото творештво.

Отворање на изложбата на Стеван Смилевски Кокан / Фотографија: Музеј на град Скопје

Со каков мотив, цел или инспирација ја поставивте изложбата „Звук и светлина“ во Музејот на град Скопје?

– Повод е едно средување на моите материјали, проектна архива, прилично разместена, фотоархива во различни кутии и фиоки, техничка литература и документи… Средувајќи го овој неред, станав свесен за количината на материјал. Тргнав да средувам, направив регал, спремив регистри и кутии, испразнив фиоки. Полека се искристализира селекција од работи што ќе ги чувам, кои имаат одредено значење за мене. Конечна цел ми беше средување на материјалите онака како што надоаѓале, по години, периоди…

Кога сликарите прават ретроспективна изложба, се движат низ своите творечки циклуси. Каква селекција на изложените дела прават архитектите?

– Не е добро, а не е ни можно да се определиме само за еден вид објекти. Нашите работни задачи зависат од пазарот, зависат од работодавачот, од тој што ја плаќа нашата работа. Задоволен сум што во овие години имав можност да работам на различни проекти од повеќе сфери – домување, администрација, индустрија, угостителство… селекцијата (оваа селекција) тежнее да ја претстави таа разноликост.

Задоволен сум што во овие години имав можност да работам на различни проекти од повеќе сфери / Фотографија: Архитект Литов Намдагжанчивин

Зошто Вашата архитектонска изложба има нетипичен наслов „Звук и светлина“?

– „Просторот е време, времето е материја, материјата е енергија, енергијата е светлина, светлината е звук, звукот е простор…“, рече еднаш мојот Другар Вангел (архитект Вангел Божиноски). И јас мислам дека звукот и светлината се бранови движења кои ја творат материјата. Просторот е дефиниран со време, времето е материја, материјата е енергија, енергијата е светлина и заедно со звукот го дефинираат просторот. Просторот е медиумот во кој се овоплотува архитектурата.

Какво значење има за Вас изложбата имајќи предвид дека ја носи ознаката 75/45?

– Ми значи тоа што во овие изминати години сум изработил сам или со соработници и тимови преку 20 конкурсни елаборати, повеќе од 100 проекти и сум учествувал активно во животот на Архитектурата. Во последно време главен допир со струката ми беше контактот со колегите и подготовката на изложбата.

Што значи целиот живот да се занимавате со архитектурата, односно какви чувства развива уметноста на обликување на просторот?

– Музиката, исто ја сакам, сликарството, политехниката… Се трудиме она што го правиме да им се допадне на корисниците. За да се постигне тоа постои наука за ред и поредок. Но, таа не е доволна. Потребни се убави чувства, соработка со сите и просторот.

Можно ли е да се направи избор на неколку проекти кои сте ги изработиле и реализирале со големо задоволство?

– Креирањето е една фантастична работа. И во малите и во големите објекти може да има продлабочена содржина. Големиот архитект Мис ван дер Рое рекол: „Помалку е повеќе“.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 210, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 23-24.12.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот