Разговор со актерката Ивана Павлаковиќ: Уметноста треба гласно да укажува на неправдите

Претставата „Работи за кои не зборуваме“ во режија на Нела Витошевиќ веќе со премиерната изведба го предизвика интересот на театарската јавност поради ангажираниот пристап, но и поради искрената актерска игра.

Актерката Ивана Павлаковиќ, на своите години, може да се пофали со солидна актерска кариера, иако сѐ уште не е вработена. Веќе има богато искуство на институционалната и независната театарска сцена, има главна улога на филм и популарен лик во ТВ-серија. Кон актерската професија пристапува со целото свое срце и душа, емотивно и посветено.

Често е во кастингот за претставите на Нела Витошевиќ, а при нивната најнова соработка во претставата „Работи за кои не зборуваме“ требаше да открие и дел од сопствената интима. Претставата е во продукција на „Вондерленд театар“ во копродукција со Македонскиот народен театар, каде што се изведува на редовниот репертоар. Следната изведба е планирана за 4 декември, во рамките на програмата на 46. Млад отворен театар.

Играш во повеќе претстави на Нела Витошевиќ. Каков е нејзиниот принцип на работа и каква е твојата комуникација со неа како режисерка?

– Ќе се обидам на доста едноставен начин да објаснам. Секој процес си е посебен емотивен ролеркостер што се развива и се таложи во мене. Навистина е фино и драгоцено што низ годиниве јас и Нела некако откривме и градиме еден наш, интимен јазик преку кој буквално со поглед се разбираме на сцената, а и во приватниот живот. Посебно задоволство и предизвик ми е токму нашата последна претстава „Работи за кои не зборуваме“, бидејќи низ неа се чувствувам како да симнав и сомелев еден тежок слој кожа од себе во вистински момент, а паралелно целата претстава и процесот низ кој поминуваме мислам дека никогаш нема да заврши.

Сјајно е што низ месеците на работа имав можност непрекинато да се истражувам себеси, да се развивам на еден поинаков начин, да се исплашам (што е многу, многу здраво), да ми се згрчи утроба – па повторно да се вратам на патеката помудра и посмела, да се отворам и ептен да се заиграм. А сето ова е невозможно без еден исклучително умешен кормилар со волшебно стапче, како што е Нела. Нескромно едвај чекам да видам каде ќе запловиме заеднички во иднина. Затоа што знам колку љубов, труд и искреност биле вложени досега во сите наши заеднички соработки.

Одговорноста е многу поголема кога некој ти доверува своја лична приказна / Фотографија: Кире Галевски

Кој текст полесно го совлада во „Работи за кои не зборуваме“ – текстот со туѓи сведоштва или текстот со сопствените сведоштва?

– Сметам дека нема точно правило или формула за полесно совладување текст во оваа претстава. Зашто вистината што ја споделуваме на сцена – без разлика дали е наша интимна приказна или, пак, сме ја добиле на имејл од луѓето што се охрабрија да ни пишат – еднакво ме боли. Единствената разлика е што одговорноста е многу поголема кога некој ти доверува своја лична приказна. Преку овој процес, на дело ми се докажа дека уметноста која, пред сѐ, гласно треба да укажува на неправдите, која треба да ни биде пример и да нѐ направи барем малку подобри луѓе – знае и еднакво да биде сурова и кон нас актерите, па тие анонимни приказни што ни ги испратија, на моменти да ме болат и мелат, дури и повеќе од оние моите, приватните.

Вистината што ја споделуваме на сцена – без разлика дали е наша интимна приказна или, пак, сме ја добиле на имејл од луѓето што се охрабрија да ни пишат – еднакво ме боли / Фотографија: Кире Галевски

За кои работи сакаш јавно да зборуваш во приватниот живот?

– Се плашам и ежам од неискреност бутната под тепих во приватниот живот. Па, затоа, пред најблиските што на прсти ми се бројат и со кои функционирам во еден свој, маѓепсан круг – свесно го соблекувам железниот оклоп кога ги споделувам еднакво лошите или добрите работи што секојдневието ми ги сервира на тацна. Си дозволувам слободно да дишам пред нив.

Ќе си дозволам да бидам приватна и овде, па еве без трунка срам, вака јавно да ги прашам Министерството за култура и државните театри уште колку години, децении, векови можеби… до кога планираат да нѐ остават мене и моите исклучително талентирани колеги да „талкаме на улица“, а кои притоа низ годиниве сме работеле вредно и сме заслужиле место во некој ансамбл. Опасно е кога една просторија не се проветрува и кога во неа не влегува свеж воздух. Зашто ем внатрешната интуиција, а пред сѐ, разумот низ годиниве ми докажале дека нема поопасна работа од тапкањето во место, на кое сме, за жал – неми сведоци.

Ох, да, пардон на интимниов, ама ептен искрен испад погоре, ќе додадам само дека имам чувство – посебно во пандемијава – како на моменти повеќе да се стуткавме во себе и како да заборавивме да ги споделуваме убавите работи кои ни се случуваат. Зошто? Сѐ уште немам кристално јасен одговор за тоа, само знам дека ми е многу жал за тој факт и би сакала да работиме на тоа.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 107, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 27-28 ноември 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот