Фото: ФК Работнички

Работнички го победи Арсими и освои важни бодови во битката опстанок

Работнички повторно се врати на победничките патеки откако на домашен терен со сигурни 2-0 го совлада тимот на Арсими, со што ја задржа надежта за опстанок во прволигашкото друштво. По серијата од четири врзани победи, „романтичарите“ беа запрени со поразите од Шкендија и Вардар, но по тешките пресметки со фаворитите, сега повторно освоија значајни бодови.

Првото полувреме не понуди многу возбудувања. Играта беше мирна, без конкретни закани кон двата гола и без вистински прилики за отворање на резултатот.

Сепак, работите се променија во вториот дел. Само девет минути по паузата, Работнички дојде во водство преку Муарем, кој ја круниса една добро изработена акција на домашниот состав.

По примениот гол, Арсими се отвори и тргна по израмнување, но тоа остави простор за контранапади. Токму од таква ситуација, во самиот финиш, Хоџа стави точка на натпреварот и ги постави конечните 2-0.

По 28 одиграни кола, Работнички сè уште се наоѓа во опасната зона, со бод помалку од Пелистер кој е на позиција што води во бараж.

Во наредното коло, Работнички ќе гостува кај Македонија Ѓорче Петров, додека Арсими го очекува дуел против Шкупи, кој на хартија изгледа како полесна задача.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот