Путин понудил решение за иранскиот збогатен ураниум, Трамп рекол „не“

Во теорија, понудата на рускиот претседател Владимир Путин би можела да помогне да се отстрани иранскиот нуклеарен материјал без американски или израелски војници на терен.

Во телефонски разговор со американскиот претседател Доналд Трамп оваа недела, рускиот претседател Владимир Путин предложил иранскиот збогатен ураниум да се префрли во Русија како дел од договор за завршување на војната, но Трамп ја одбил понудата, велат извори за „Аксиос“.

Обезбедувањето на 450 килограми ураниум збогатен до 60 отсто, кој може да се претвори во оружен степен за неколку недели и е доволен за повеќе од 10 нуклеарни бомби, е една од клучните цели на САД и Израел во војната.

Во теорија, понудата на Путин би можела да помогне да се отстрани иранскиот нуклеарен материјал без американски или израелски војници на терен.

Русија веќе е нуклеарна сила и претходно чуваше ирански нискозбогатен ураниум според нуклеарниот договор од 2015 година, што ја прави една од ретките земји со технички капацитет да го прифати материјалот.

Што се случувало зад завесите?

Путин изнел неколку идеи за завршување на војната меѓу САД и Иран во разговорот со Трамп во понеделникот. Предлогот за ураниумот бил една од тие идеи.

– Ова не е првпат да се нуди такво нешто. Не е прифатено. Ставот на САД е дека мора да видиме дека ураниумот е обезбеден – изјавил американски официјален претставник за „Аксиос“.

Русија изнесувала слични предлози и за време на американско-иранските нуклеарни преговори минатиот мај, пред САД и Израел да ги нападнат иранските нуклеарни објекти во јуни, како и во неделите пред да почне сегашната војна.

Одлуката на Америка да ги олесни санкциите за руската нафта не помага баш за мир во Украина, вели Зеленски

Иран одбил да го пренесе ураниумот

Во последната рунда преговори пред војната, Иран ја одбил идејата за пренос и предложил ураниумот да се разреди во сопствените постројки, под надзор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ).

Не е јасно дали Иран би го прифатил предлогот сега.

– Претседателот разговара со сите, со Си, со Путин, со Европејците. Тој секогаш е подготвен за договор. Но мора да биде добар договор. Претседателот не прави лоши договори – изјавил американски официјален претставник.

Америка и Израел се мислеле да испратат специјални сили во Иран

САД и Израел разговарале и за можност да испратат специјални сили во Иран за да го обезбедат нуклеарниот материјал во подоцнежна фаза од војната, како што претходно објави „Аксиос“.

Министерот за одбрана на САД, Пит Хегсет, изјави на прес-конференција во петокот дека САД „имаат низа опции“ за да ја преземат контролата врз иранскиот високо збогатен ураниум.

Хегсет рече дека една опција е Иран доброволно да го предаде нуклеарниот материјал, што САД „би го поздравиле“.

– Тие не беа подготвени да го направат тоа во преговорите. Никогаш не би кажал јавно што сме подготвени да направиме или колку далеку сме подготвени да одиме, но имаме опции, тоа е сигурно – додаде тој.

„Сега не е толку важно да се обезбеди ураниумот“

Во интервју за „Њуз фокс рејдио“, Трамп навести дека обезбедувањето на високо збогатениот ураниум во моментов не е врвен приоритет.

– Не сме фокусирани на тоа, но во некој момент можеби ќе бидеме – рече тој.

Трамп за првпат призна дека Русија му помага на Иран во војната, по неколкудневни извештаи дека Москва му обезбедува разузнавачки информации за таргетирање на американските сили.

– Мислам дека (Путин) можеби им помага малку, да. А веројатно мисли дека ние ѝ помагаме на Украина, нели? Така тој го кажува тоа, а истото би го кажала и Кина. Тоа е во стилот на „тие го прават тоа, а и ние го правиме, да бидеме фер“ – рече Трамп во интервјуто.

Трамп: Путин му помага на Иран

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот