ПССЕ: Функционирањето на демократските институции во Северна Македонија е задоволително

Плоштад „Македонија“ во Скопје
Плоштад „Македонија“ во Скопје / Фото: EPA/GEORGI LICOVSKI

Парламентарното собрани на Советот на Европа (ПССЕ), на последната зимската сесија, одржана со физичко присуство и видео дебата го усвои општиот извештај за следењето на обврските на земјите членки на Советот на Европа. Во делот посветен на Северна Македонија, известувачот Микаел Аструп Јенсен нагласува дека евроинтегративните процеси на земјата се запрени, бидејќи Бугарија го блокира донесувањето на преговарачката рамка, поради користењето на македонскиот јазик во преговорите, јави дописникот на МИА.

Последниот извештај на ПССЕ за пост мониторинг дијалогот со Северна Македонија беше во октомври 2019, кога ја донесе резолуцијата 2304. Во меѓувреме како што забележува известувачот, данскиот пратеник Микаел Аструп Јенсен: „Процесот на европска интеграција на земјата беше обележа со одлуката донесена од Советот на ЕУ на 26 март 2020 година за почеток на пристапни преговори со Северна Македонија (и Албанија) – одлука што земјата ја чекаше од 2009 година. Но преговорите сè уште не можат да започнат, бидејќи Бугарија ја блокира одлуката на Советот на министри на ЕУ за да ја донесе преговарачката рамка за Северна Македонија.

Како што вели Јенсен, „Бугарија се спротивставува на употребата на македонскиот јазик во рамките на преговорите и има дивергентни ставови за нивната заедничка историја, и покрај потпишувањето во 2017 година на Договорот за добрососедски односи со Северна Македонија.”

Во целина, според ПССЕ „функционирањето на демократските институции” во нашата земја е задоволително. Парламентот беше во можност да обезбеди конструктивен политички дијалог и да ги изврши неговите законодавни функции. Реформите иницирани во 2019 година продолжија, особено во судската област: долгоочекуваниот ревидиран закон за гонење беше усвоен и стапи на сила во јуни 2020 година.

Иако корупцијата останува ендемична, ГРЕКО во октомври 2020 година забележа дека „се направени значителни напори од страна на властите да ги изменат законодавните рамки” но „дека останува да се види постојаната практична примена на новите правила”, особено за изменетиот Кодекс на Етика за пратениците.

Постигнат е напредок во спречување на корупција на судиите-поротници. Сепак, министерот за правда не беше изземен од составот на Судскиот совет. ГРЕКО го поздрави значително зајакнатото регулирање на условите за избор, именување и разрешување членови на Државната комисија за спречување на корупција (ЦНПЦ), што продолжија да демонстрираат проактивен пристап во спречување на корупцијата, отворање на случаи, вклучувајќи ги и оние што вклучуваат високи службеници од целиот политички спектар и справување со обвинувања за непотизам, покровителство и политичко мешање во процесот на регрутирање на јавниот сектор.

Според оценката на ПССЕ, општата состојба во медиумите останува непроменета, особено во однос на претходно идентификуваните прашања како што се финансиската одржливост на независните медиуми, саморегулацијата, транспарентноста на рекламирањето на медиумите од страна на државните институции, политичките партии и јавните претпријатија, како и независноста на јавен радиодифузен сервис.

ПССЕ уште еднаш ги повтори забелешките и оценките за последниот изборен процес во Македонија, оценувајќи дека овие избори беа генерално добро организирани.

Паневропската асамблеја во усвоената резоулуција, бара од Северна Македонија според „да ги продолжи своите напори за зајакнување на независноста на судството и борбата против корупцијата, во согласност со препораките на Групата на држави против корупцијата (ГРЕКО); да ги иницира потребните реформи за подобрување на состојбата на медиумите во консултација со сите засегнати страни; да се продолжи со имплементација на Резолуцијата 2304 (2019) за „Пост мониторинг дијалогот со Северна Македонија” и особено да се зајакне одржливоста и функционирањето на демократските институции, да се консолидира изборната рамка и да се спроведат инклузивни политики насочени кон обезбедување на малцинските права.

Овие прашања дополнително ќе бидат разгледани од ко-известувачите за Северна Македонија при ПССЕ Лиз Кристоферсен (Норвешка, СПЦ) и Золт Ценгер-Залан (Унгарија, ЕНП / ЦД), назначени за ко-известувач во јуни 2020 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот