Психологот Дора Попова-Узуновски одговора на вашите прашања: Како да ѝ соопштам на ќерка ми…

драга дора
Фото: Приватна архива

Имате проблем и сакате совет од стручњак? Дора Попова-Узуновски, гешталт психолог и магистер на психолошки науки во областа на клиничката и советодавната психологија, основач на Центарот за применета психологија „Дора“ во Скопје, ви дава совет како да го решите вашиот проблем.

Дора Попова-Узуновски / Фото: Приватна архива

Прашање:

Драга Дора, самохрана мајка сум, со поранешниот сопруг сме разведени веќе десеттина години, а ќерката, која живее со мене, е на возраст од 14 години, односно ја „тресе“ пубертетот. Како да ја подготвам, како да ѝ соопштам дека имаме намера со мојот нов партнер, за кого знае дека ми е само пријател, да се венчаме?

Одговор:

Почитувана мајко,

Сосема е нормално и во ред да одлучите да го продолжите животот по разводот така како што сте замислиле. Вие веќе сте ја донеле својата одлука, а тоа е дека ќе бидете со партнер. Таа е вашата вистина која ќерката има целосно право да ја знае таква каква што е. Тоа што таа е во пубертет нема потреба да ве плаши. Иако се наоѓа во возраст кога е почувствителна, тоа не е никаква пречка, доколку ѝ се соопшти со нежност, љубов и разбирање. Сосема е во ред да ѝ објасните отворено како се чувствувате, за вашиот страв од нејзиното неприфаќање и притоа да ѝ кажете колку всушност би ви значела нејзината поддршка. Не заборавајте дека добра мајка за детето е среќна мајка. Потенцирајте дека вашата среќа со партнерот е важна за вас. За неа можеби извесно време ќе биде невообичаено да ве гледа со друг човек во истиот дом каде што ќе живеете. Можеби ќе го чувствува емоционално подалечен, но тоа е нормален процес кој се надминува. Исто така ќе зависи и прифаќањето од страна на вашиот партнер кон ќерката. Доколку тој ви се придружи во негувањето и се постави со топол однос кон неа, сѐ ќе биде полесно. Би било добро и тие да поминат некое време заедно за подобро да се запознаат. Може да организирате заеднички активности со цел да се стекне поголема близина. Доколку во почетокот се случи ќерката да манифестира неприфаќање и негативни емоции, имајте повеќе трпение и фокусирајте се на тоа што веќе го имате изградено со неа. Дајте ѝ право да ги изрази тие емоции и разберете ја. Личноста во животот расте и созрева преку фрустрацијата. Затоа, дајте ѝ шанса и време за прифаќање.

Прашање:

Почитувана, на тешка мака сум. Знам дека згрешив што на време не им кажав на двете малолетни деца дека татко им всушност не е на пат, туку почина. Веќе трета година ги лажам, и јас и сите во моето семејство, а тие го бараат и го чекаат татка си, а и слушаат разни озборувања од децата во градинка и училиште. Што да правам?

Одговор:

Почитувана,

Сосема е разбирливо дека не сте ја кажале вистината на време со цел да ги заштитите децата од тагата и болката. Меѓутоа, знаете дека на долга патека вистината на еден или на друг начин ќе излезе на виделина. Велите дека тие постојано живеат во надеж за тоа дека татко им ќе се појави. Колку подолго време ќе живеат во таа надеж, толку разочарувањето кога ќе ја дознаат вистината ќе биде поголемо. Затоа, би ви советувала да не ја одложувате вистината уште долго време. Што побрзо им ја соопштите, толку подобро. Притоа, во тој разговор е важно да им обезбедите поддршка, разбирање, нега и љубов бидејќи шокот нема да биде мал. Бидете подготвени на емоционална бомба од тага и лутина. Голема е веројатноста дека дел од нивната лутина ќе биде насочена и кон вас затоа што подолго време не сте ја кажале вистината, а тие живееле во лажна надеж. Исто така, многу е важно да обезбедите поддршка и за себе во тој процес што ќе ве очекува. Ќе биде потребно време со многу трпение за прифаќање и надминување. На скалата за стрес фактори, на прво место се наоѓа смрт на блиска личност. Ова го потенцирам со цел да бидете подготвени прво вие за тоа што ќе треба да го поминете. Дајте им право на децата да ги изразат своите емоции, а и вие дајте си право за вашите. Заедничкото „оттагување“ може да доведе до зацврстување на односот со вашите деца и до поголема взаемна поддршка. Доколку не успеете да си обезбедите соодветна поддршка, може да посетите и психотерапевт со кој ќе поработите на себе, со цел да стекнете поширока свесност и олеснување за тоа како би го надминале процесот.


Дали би сакале анонимно да поставите прашање?

Пишете ѝ на Дора за тоа што ве мачи, на еден од е-маил адресите: [email protected] или [email protected] со назнака „Драга Дора“, или преку писмо на адресата „Ристо Шишков“ број 20, Скопје, а ние ќе го објавиме нејзиниот советодавен одговор, или директно контактирајте ја во Центарот за применета психологија „Дора“, на телефонскиот број 075 310 781.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот