Прволигашите едногласни дека нема услови за играње кошаркарски натпревари

фото:kfsm.mk/

Во соопштението на претседателот на федерацијата, Перо Антиќ, се вели дека постојат опции да продолжи второлигашката сезона..

Освен ставот на македонската кошаркарска федерација околу реакциите на КК МЗТ Скопје Аеродром, Перо Антиќ во своето соопштение до јавноста говори и за актуелната состојба во македонските кошаркарски првенства.

Првиот човек на македонската кошарка потврди дека во првичните консултации сите десет клубови од Првата машка лига беа едноглавни дека не постојат услови за продолжување на сезоната 2019/2020.

Заедно со дезинформациите поврзани со сопственоста на еден спортски објект, нам како федерација, доделен во трајно владение од страна на Владата на РСМ, како и јавното толкување на ставовите на раководството на федерацијата за актуелната состојба во лигите кои се во наши ингеренции, е и основниот повод за реакција од наша страна.

Федерацијата ги запази сите законски решенија, односно процедури при донесувањето на предлог-ставовите кои се доставени до Управниот Одбор на КФСМ. Односно, тие се формулирани по консултации со сите релевантни фактори во кошаркарскиот спорт во нашата држава.

И врз база на нивното мислење, писма, толкувања, сугестии кои ги добивме, како и одредени дополненија, сето тоа е поставено пред членовите на Управниот одбор. И тоа реализирано преку еден внатрешен, официјален документ, кој за жал, е злоупотребен за да биде поставен во јавноста, пред да биде воопшто презентиран пред членовите на Одборот.

facebook.com/akademijafmp

Во оваа прилика мора да се потенцира и тоа, дека сите десет клубови дел од Првата лига-мажи, во оние првични консултации, беа едногласни. Дека не постојат услови за продолжување на натпреварувачката сезона 2019/2020. И ако сака некој од нив, во овој случај, МЗТ Скопје Аеродром, овие наши ставови да бидат елаборирани, ќе го презентираме тоа.

Актуелната табела во Првата лига-мажи вели дека досега се одиграни 17. првенствени кола. И дека согласно со актуелниот систем за натпреварување, треба да се одигра уште едно коло од првата натпреварувачка фаза.

Потоа следуваат десет кола од Суперлигата, и плеј-офот кој со себе носи уште шест до осум натпревари кои прават збир од 17. до 19. натпревари кои евентуално би се доиграле до крајот на оваа натпреварувачка сезона. Подобро кажано, досега, во Првата лига-мажи во сезоната 2019/2020, не се одиграни ниту 50% од предвидениот број на натпревари во елитната конкуренција.

ПОСТОЈАТ ОПЦИИ СЕЗОНАТА ВО ВТОРАТА ЛИГА ДА БИДЕ ПРОДОЛЖЕНА…

Што се однесува за второлигашите и нашата желба за продолжување на натпреварите, тука нема ништо нејасно. Во овој момент во оваа конкуренција сите екипи немаат одиграно подеднаков број на натпревари за да се дојде до некој конечен изглед на табелата.

Идејата е дека поради тоа што во ова натпреварување нема настап на странски кошаркари, има опции сезоната да биде продолжена, а за кои би дискутирале подоцна. Макар и во некој скратен систем на натпреварување. Дали преку организација на плеј-оф, или турнир на кој би играле осум или повеќе екипи, останува да биде работа на заеднички договор помеѓу второлигашите и федерацијата која единствено сака во Првата лига да се пласираат навистина двете најдобри екипи од Втората лига.

Јавноста е, гледаме, слушаме, читаме, добро информирана, дека ова лето нема да се играат натпреварите кои ги организира Светската кошаркарска федерација (ФИБА).

фото: ФИБА

И иако тоа е проблем за нас како федерација, без оглед на планираните активности за и околу организацијата на ЕП од Дивизијата „А“за кошаркари „Под 16“ години во машка конкуренција, треба да се земе предвид и следново:

Ако не се размислува за понатамошно играње во младинска конкуренција, тоа значи и дефинитивен прекин на работата на голем број на клубовите во овој младински сегмент од кошарката. Не сакаме да помислиме и за откажување на голем број на деца вљубени во кошаркарскиот спорт, кои практично, па и временски гледано, би биле без топка во еден подолг период. Од март, па сè таму некаде до октомври што е премногу долг временски интервал.

Ако може, односно условите, во прв ред здравствените, го дозволуваат тоа, да се организираат и реализираат планираните активности, со најмала важност околу тоа кој ќе биде шампион.

Поентата е децата да играат кошарка и преку летото. Да можеби во некои други моменти, досега нешто несфатливо. Но сега нешто сосема реално. А ние сакаме сето тоа да биде и максимално безбедно, во секој поглед.

фото/фејсбук/амс

КОШАРКАРСКАТА ФЕДЕРАЦИЈА ОКОЛУ СПОРТСКИТЕ ВАУЧЕРИ…

Сите чинители во кошаркарскиот спорт, пред сè клубовите, многу добро знаат дека во овој дел поврзан со доделувањето на спортските ваучери, главниот збор го има Агенцијата за Млади и спорт на РСМ.

Меѓутоа за сето тоа да биде и официјално верификување, нашата замисла е во таа насока, како официјален да биде важечки моменталниот поредок на табелите во сите категории на натпреварување. И постигнатите резултати во сезоната 2019/2020 да бидат предмет на вреднување за АМС.

Ова се однесува и за сите оние кои сакаат да критикуваат, а тоа го прават без некоја реална основа. Веруваме дека ќе се пронајдат „себеси“ читајќи ги овие редови – стои во соопштението на претседателот на КФСМ, Перо Антиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот