Протести ја тресат Грција: се затвораат бензиски пумпи, штрајкуваат сточарите и таксистите
Претседателот на Здружението на сопственици на бензински пумпи, Никос Папагеоргиу, предупреди дека по воведувањето на плафон на профитната маржа, цените на горивата растат, а ограничувањето е толку ниско што многу пумпи не можат да ги покријат трошоците, поради што дел од бизнисите се соочуваат со затворање.
Бран штрајкови и протести ја зафати Грција – бензинските пумпи на островот Лезбос се затвораат, таксистите излегуваат на улиците во Атина, а сточарите алармираат дека мерките за шап и лигавка се премногу строги.
Препорачано
Сопствениците на бензинските пумпи на Лезбос денеска започнаа штрајк и ги затворија пумпите на неопределено време бидејќи бараат зголемување на плафонот на профитната маржа од 12 на 20 центи или негово утврдување според нивото од 27 февруари, односно пред почетокот на војната во Иран, поради што стапија во штрајк и од денеска ги затворија пумпите на неопределено време.
Бензинските пумпи во Атина и пошироко во регионот Атика сè повеќе се приближуваат до штрајк, пренесе „Кип токинг Грис“.
Говорејќи за радиото „Параполитика ФМ“, претседателот на Здружението на сопственици на бензински пумпи, Никос Папагеоргиу, во средата ја опиша состојбата во секторот по одлуката на владата минатата недела да воведе плафон на профитната маржа.
Тој посочи дека цената на безоловниот бензин во Атика веќе се приближува до 2 евра за литар, додека, пак, на островите ја има надминато оваа граница, што значително ги оптоварува и потрошувачите и професионалците.
Особено внимание тој посвети на прашањето за плафонот, нагласувајќи дека на сегашното ниво многу бензински пумпи не можат ниту да ги покријат своите оперативни трошоци.
Папагеоргиу предупреди дека бројни бизниси неизбежно се движат кон „затворање“, при што управните одбори на здруженијата низ земјата веќе донеле одлуки за штрајкови.
„Ова е порака до владата дека не можеме да ја издржиме ситуацијата“, нагласи тој, додавајќи дека бранoт реакции најмногу започнува од островите и од оддалечените региони.
Како што објасни, бензинските пумпи треба да ја задржат истата профитна маржа што ја имале пред почетокот на кризата, со цел да се обезбеди нивната одржливост.
Сточарите не ги сакаат строгите мерки за шап и лигавка
Сточарите од североисточниот грчки остров Лезбос во средата излегоа на протест поради строгите мерки воведени за справување со појавата на шап и лигавка, барајќи одговори од властите додека се одржуваше владин состанок.
Тие укажуваат дека се соочуваат со сериозен проблем со вишок млеко – околу 70 тони дневно – откако откупувачите престанале да купуваат, и бараат појаснување дали сирењата произведени оваа година може да се пласираат на пазарот во остатокот од Грција.
Владината делегација најави дополнителни разговори во Министерството за земјоделство за утврдување на следните чекори.
Во меѓувреме, островот е ставен под строги рестрикции: забранет е извозот на добиток и производи од животинско потекло, како и нивното движење и колење во рамки на Лезбос, а заразените стада ќе бидат уништени.
Болеста се шири бргу, преку контакт и преку воздух, и може да опстане подолг период во околината, па иако не е опасна за луѓето, претставува сериозна закана за сточарството. Според европските правила, единствена мерка е уништување на заразените животни, бидејќи лек не постои.
Таксистите штрајкуваат, се закануваат со ескалација
Штрајкот на таксистите во Грција продолжува и денеска, при што протестите се засилуваат во главниот град Атина поради предлог-законот за транспорт кој моментално е во собраниска процедура, објави „Катимерини“.
Штрајкот е повикан од Синдикатот на такси-возачи на Атика (САТА) и претставува дел од поширокото спротивставување на нацрт-законот на Министерството за инфраструктура и транспорт, за кој синдикатите велат дека им ја загрозува егзистенцијата.
Панхеленската федерација на професионални сопственици на такси возила предупреди на масовна мобилизација пред Парламентот на денот на гласањето, кое се очекува на почетокот на следната недела.
Иако националниот штрајк треба да заврши рано в петок, синдикалните лидери најавија дека протестите во Атина ќе продолжат и понатаму. Тие најавија ескалација доколку нивните барања не бидат земени предвид, оценувајќи дека секторот е „во превирања“ поради предложените измени.


