Протест пред Собранието, се бара ослободување на осудените за „крвавиот четврток“

Фото: МИА

Група граѓани попладнево се собраа пред Собранието, барајќи „слобода и правда“ за обвинетите за упадот во Собранието на 27 април 2017 година.

Собраните луѓе носеа транспаренти со натпис „Не требаше ни ден да бидат во затвор, а не со години“ и побараа ослободување на обвинетите.

„Од тој 27 до денес искрвари Македонија, тие се обидоа да го спречат тоа, слобода за нашите браќа“, пишуваше на еден од транспарентите.

За „крвавиот четврток“ во 2017 година беа обвинети 33 луѓе, од кои, во пресрет на потпишувањето на Преспанскиот договор со Закон за амнестија беа помилувани 15, меѓу кои и петмина пратеници од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ.

За 16 осудени за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“ судот донесе пресуда со вкупно 188 години затвор.

Другиот предмет се однесуваше на организаторите на упадот, за кои во 2021 година Основниот кривичен суд Скопје изрече 25 години затвор. Станува збор за поранешните функционери Трајко Вељаноски, Миле Јанакиески, Спиро Ристовски и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски.

Апелацискиот суд годинава ја укина првостепената пресуда и овој предмет беше вратен на повторно судење. Оттаму посочија дека Основниот кривичен суд требало во поголема мера да го разгледа прашањето за одредбите кои се однесуваат на амнестија на кривичното гонење.

Во меѓувреме, опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ неодамна побара амнестија за осудените, Предлог-закон кој поради недоволен број на гласови не помина во Собранието.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот