Прослава на јубилејот со проекции на дела од филмската ризница на „Вардар филм“

Годинава „Вардар филм“ ќе одбележи 75 години постоење и дејствување како продуцентска куќа што има реализирано над 500 долгометражни и краткометражни играни, документарни и анимирани филмови, како и филмски журнали.

Програмата ќе се одвива од мај до декември, секој петок од 20 часот, во салата за проекции при НУФЦ „Вардар филм – Скопје“, со пауза во јули и август заради летните одмори. Проекциите ќе бидат бесплатни и ќе се одвиваат со претходна резервација, бидејќи салата е мала и има ограничен број седишта, најавуваат од „Вардар филм“.

Од „Вардар филм“ на прес-конференцијата соопштија дека со програмата се предвидени прикажувања на најзначајните и најнаградувани филмски дела од нивната ризница, а проекциите ќе се одржуваат во неодамна реновираната сала, што со првата проекција за прв пат ќе биде отворена за јавноста откако не беше во функција над 20 години.

Во состав на програмата во септември ќе се реализира и „отворена недела“ за граѓаните да се запознаат со тековните активности на „Вардар филм“, а одбележувањето на јубилејот ќе биде крунисано со голема манифестација кон крајот на оваа година, при што премиерно ќе се прикаже долгометражниот документарен филм посветен на „Вардар Филм“, што во моментов е во фаза на реализација. Режисер е проф. Владимир Блажевски, а во продукција е на „Галактика пикчрс“, со продуцентите Буњамин Куртиши и Фидуш Алиу, додека директор на фотографија е Дуле Кардале.

(Текстот е објавен во ТВ и Филмски печат на 27 мај 2022 во весникот „Слободен печат“)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот