Пролетта пречекана, дворовите на училиштата и градинките разубавени со цвеќиња и садници

Фото: Општина Центар

Со повеќе еколошки акции низ скопските општини децата во градинките, основците и средношколците ја пречекаа пролетта. Градоначалниците сметаат дека на ваков начин едукативно се влијае врз младите генерации и се подигнува свеста за чиста и зелена животна средина.

Низ парковите во Кисела Вода се засадени повеќе од 1.000 садници. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски информира дека паралелно со оваа акција со која се зголемува процентот на зеленило во сите населби и населени места, еколошката акција се одвиваше и низ основни училишта.

Многу ме радува што во тимот што сади со мене е нашиот Стефан кој, како прво лице со Даунов синдром вработено во било која општина, повеќе од една година успешно работи во Кисела Вода. Денес, кога овие лица го одбележуваат својот ден, сакам да упатам јасна порака дека лицата со Даунов синдром не смеат да бидат маргинализирани, дека заслужуваат шанса да работат и да придонесуваат за доброто на општеството – рече Ѓорѓиевски кој нагласи дека ќе продолжи да работи за постигнување целосна инклузивност на лицата со попреченост преку отворање дневни центри, градинки и овозможување на пристапност.

Фото: Општина Ѓорче Петров

Денеска беа засадени и 150 дрва на две локации во Ѓорче Петров, односно на Кејот на реката Вардар и во дворот на основното училиште „Димитар Поп Георгиев Беровски“.

Двата типа на јавор кои беа засадени се листопадни што брзо растат и брзо шират крошна. Тоа значи дека за многу брзо време ќе можеме да ги користиме придобивките од новозасадените дрвца, кои освен што ќе придонесат за чист воздух, ќе направат и одлични сенки на двете локации кои ќе бидат пригодни за летен период – информира градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојковски.

Според него, заложбата е во општината да има што повеќе зеленило и парковски површини што на долг рок носат здрава и чиста животна средина.

Цвеќиња и млади садници ги разубавија и дворовите на училиштата и градинките во општина Центар. На првиот ден на пролетта во сите основни училишта и градинки се спроведе еко акција во која наставниот и воспитниот кадар заедно со дечињата и учениците го чистеа сметот и садеа нови цвеќиња и садници.

Еко акциите што денеска се спроведуваа во сите училишта и градинки имаат одличен едукативен карактер за децата од градинките и ученици. Тие се одличен пример како да ја развиваме свеста за чиста и уредена средина, садењето цвеќиња и садници ќе ги разубават и развеселат предучилишните и дворовите во училиштата, а воедно и ќе придонесат кон заштитата на животната средина и прочистувањето на воздухот. Затоа е потребно вакви еко акции да имаме повеќе и на различни локации – рече градоначалникот Горан Герасимовски.

Фото: Град Скопје

Град Скопје и учениците од неколку градски средни училишта организираа акција за пошумување на парк-шумата Гази Баба. Во рамките на оваа еколошка акција што се одржа по повод 21 март – Меѓународниот ден на шумите, градоначалничката Данела Арсовска заедно со 100 ученици од средните училишта „Боро Петрушевски“, „8 Септември“, „Михајло Пупин“ и „Панче Арсовски“ засадија стотина чемпреси во парк-шумата.

Зелените површини, зелените коридори и парковите играат голема улога во зачувување на здравјето на луѓето, а истовремено ја подигнуваме свесноста за важноста на животната средина и одговорниот однос кон неа без нејзино загадување и уништување. Истовремено, Град Скопје продолжува со реализацијата на многубројни активности за садење дрвја и садници на повеќе локации низ Скопје – изјави Арсовска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот