Фото: Промо

„Профундис“ за првпат ја носи магијата на „Кендллајт“ во Битола

Илјадници свеќи ќе го осветлат Центарот за култура во Битола на 6 декември, кога ќе се одржи првиот „Кендллајт“ концерт во овој град – исклучително музичко и визуелно доживување во изведба на камерниот оркестар Профундис, под диригентската палка на маестра Ѓурѓица Дашиќ.

На ова специјално издание како солист ќе настапи Владимир Костов, концерт-мајстор на Македонската филхармонија и еден од најценетите македонски виолинисти. Со својата префинета техника, емоционална длабочина и сценска харизма, Костов ја освојува публиката на сите континенти.

Во рамки на концертот ќе биде изведена ексклузивна програма составена од ремек-дела на светската и домашната музичка литература, меѓу кои: „St. Paul Suite“ од Густав Холст, „Четири годишни времиња“ од Антонио Вивалди и „Македонско капричо бр. 1“ од Драган Шуплевски.

– Овој концерт е особено значаен затоа што за првпат ја носиме уникатната атмосфера на „Кендллајт“ концертите во Битола. Под светлината на свеќите, музиката добива нова димензија – интимна, топла и полна со емоции. Програмата е внимателно одбрана за да ја долови магијата на класичната музика во едно сосема поинакво светло – изјави маестра Ѓурѓица Дашиќ.

Владимир Костов, роден во Битола, има блескава кариера со настапи на некои од најреномираните светски сцени: Берлинската филхармонија, Концертхаус – Виена, Линколн центар – Њујорк, Харвард Универзитет и многу други. Добитник е на престижната награда „Георги Божиков“ и е основач на фестивалот „Виолин фест“. Со својот интерпретативен сензибилитет и извонредна техника, Костов претставува симбол на современата македонска виолинска школа.

Инаку, концептот на „Кендллајт“ – концерт под свеќи е светски признат тренд кој ја трансформира традиционалната концертна атмосфера во интимно и емотивно доживување. Илјадници свеќи го обвиткуваат просторот во топол сјај, создавајќи симбиоза меѓу звукот и светлината која ја приближува публиката до суштината на музиката.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот