Продолжува платеното породилно отсуство, бремените и натаму се ослободени од работа

Платеното породилно отсуство продолжува да важи до завршувањето на времените мерки. Владата со уредба со законска сила одлучи отсуството од работа на работничка поради бременост, раѓање или посвојување, да продолжи да тече, а со тоа и надоместокот на плата да продолжи да се исплаќа сè до истекот на траењето на времените мерки.

Ова значи дека секоја работничка на која и завршило отсуството од работа поради бременост, раѓање или посвојување по прогласување на вонредната состојба има право да продолжи да го користи, а со тоа продолжува да го користи надоместокот на плата. Ова отсуство може да се користи сè додека траат времените мерки и истото не е поврзано со вонредната состојба.

Со најнова одлука на владата ќе им се доделува парична помош на сите невработени на кои им престанал работниот однос во периодот од 11 март до 30 април.

Работниците кои поради коронакризата останале без работа, независно од времето поминато во работен однос, ќе можат да дојдат до помош за полесно да го премостат периодот на невработеност. Тие ќе добиваат паричен надоместок преку Агенцијата за вработување во времетраење од два месеца. Надоместок ќе добиваат невработените лица на кои работниот однос им престанал во периодот од 11 март до 30 април 2020 година, информираа од Министерството за труд и социјална политика.

,,Со дополнување на Уредбата со законска сила за примената на Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност, се обезбедува материјална сигурност преку олеснување во поглед на основот по кој работниците останале без работа. Податоците на Агенцијата за вработување покажуваат дека во изминатиов период на голем број од невработените им бил прекинат работниот однос врз основа на потпишана спогодба, отказ или лична изјава. Со новата уредба, сите тие добиваат право на паричен надоместок” информираат оттаму.

Во Уредбата е предвидено паричниот надоместок да се исплатува во висина од педесет проценти од месечна нето плата на работникот исплатена за последниот месец, но не повеќе од осумдесет проценти од просечната месечна нето плата по работник објавена за последниот месец.
За да добие паричен надоместок, невработеното лице треба да достави барање во рок од 30 дена од денот на влегувањето во сила на новата Уредба, до надлежниот центар за вработување на Агенцијата за вработување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот