Притвор од 30 дена за три лица од Дебреште за продажба на дрога

На барање на Основното јавно обвинителство Прилеп, Основниот суд Прилеп им определи мерка притвор од 30 дена на три лица од село Дебреште, осомничени за кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори”.

Како што соопшти прес-службата на државното Јавно обвинителство, првоосомничениот неовластено заради продажба организирал пренесување, а второ и третоосомничениот неовластено заради продажба пренесувале 14.472,8 грама хашиш спакуван во најлонска вреќа и 31.147,4 грама марихуана спакувана во три најлонски вреќи. Откако првоосомничениот ја набавил  дрогата од непознато лице, му кажал на второосомничениот од каде да ја подигне за да ја пренесе до местото викано Песјо Брдце-Прилеп, каде што требало да се изврши купопродажбата.

-На  4 септември 2020 година второосомничениот заедно со третоосомничениот ја подигнале дрогата и ја ставиле во возило во сопственост на третоосомничениот, по што околу 20,30 часот пристигнале на договореното место. Третоосомничениот ги извадил четирите вреќи со наркотичната дрога и ги ставил покрај патот, а второосомничениот се упатил кон комбе кое претходно било паркирано, во кое сметал дека се наоѓа купувачот на дрогата, при што бил пресретнат и фатен од страна на овластени полициски службеници, соопшти ЈО на РСМ.

Јавниот обвинител ја предложил мерката притвор до судијата на претходна постапка при Основниот суд Прилеп заради обезбедување непречено одвивање на кривичната постапка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот