Притисоци, лаги, измами и умилкувања за пратенички глас

Собрание / Фото: МИА

Неизвесноста околу тоа дали иницијативата за гласање доверба на Владата има поддршка од пратеничкото мнозинство продолжи и денеска. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ го повика пратеникот од Алтернатива Скендер Реџепи да не ја повлекува поддршката, а СДСМ обвини дека потписите за недоверба на Владата се собрани преку лаги и измами. ВМРО-ДПМНЕ, пак, обвини дека нивните поддржувачи се изложени на притисоци и понуди за поткуп.

Пратеникот Реџепи претходно порача дека ако Левица остане на списокот за паѓање на Владата, тој нема да биде дел од него, ниту ќе го поддржи гласањето. Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски и пратеничката Ангелинка Петкова се во изолација, но најавија дека в четврток ќе дојдат во Собранието на седницата по поднесената иницијатива за изгласување недоверба на Владата и ќе гласаат во согласност со Протоколот што беше донесен од Комисијата за заразни болести и беше применет во Собранието во април годинава.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски преку објава на својот фејсбук-профил побара неговиот колега пратеникот Скендер Реџепи да не се откажува од договорот за ново парламентарно мнозинство за рушење на Владата.

„Да нема изговори зошто се потпишал овој или оној, бидејќи ова е гласање против хибридниот режим на СДСМ-ДУИ. Се надевам дека ќе застанете заедно со мнозинството пратеници и ќе го сочуваме достоинството на пратеникот и угледот на македонското Собрание“, напиша  Мицевски.

Лидерот на Левица Димитар Апасиев во фејсбук-статус го повика албанскиот блок да гласа против ДУИ. Пратеникот Реџепи на ова одговори дека Апасиев се обидува да го камуфлира својот антиалбанизам како „антидуевизам“. Во настап на ТВ 21, Реџепи исто така истакна дека ВМРО-ДПМНЕ „ги добило изборите на нивен грб бидејќи се претставиле како едно поинакво ВМРО“.

ВМРО-ДПМНЕ, пак, обвини за притисоци врз потписниците на иницијативата.

– Срамно и недостоинствено и на веќе познат начин Зоран Заев повторно го гази Собранието со поткупи, уцени и закани да се обиде да остане на власт. За жал, се повторуваат сценаријата со притисоци врз пратеници, овој пат потпишани на иницијативата за изгласување недоверба на актуелната влада. Информациите се дека тие притисоци се интензивни и дека не се штедат ниту во злоупотребите ниту во непристојните понуди – изјави портпаролот Наум Стоилковски.

На ова СДСМ одговори со соопштение.

„Расте нервозата во ВМРО-ДПМНЕ откако станува јасно дека на Христијан Мицкоски му испарува мнозинството во Собранието, па затоа денеска од Белиот дворец се обидуваат да најдат алиби во наводни закани кон пратеници. Пратеници од опозицијата самите признаваат дека потписите за иницијативата за недоверба на Владата се собрани преку меѓусебни лаги и измами.

Граѓаните не забораваат дека токму ВМРО-ДПМНЕ и нејзини високи функционери се закануваа кон пратеници што гласаа за уставните измени и очигледно дека тоа ВМРО-ДПМНЕ сака да го направи и денес. Пратениците да бидат спокојни, државата, институциите ќе ги заштитат од заканите на ВМРО-ДПМНЕ, обидите за закани и притисоци нема да им успеат“. пишува СДСМ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот