Приколки се претвораат во апартмани и кампот функционира како „диво градилиште“, реагира „Правда за Градиште“
По многуте реакции низ годините на сопствениците земјиштето на „Градиште“ околу процесите со денационализација, сега повторно се појавија реакции од граѓанската иницијатива „Правда за Градиште“, од каде велат дека кампот крај Охридското Езеро практично функционира како „диво градилиште“.
Препорачано
„Камп-приколки се претвораат во цврсти објекти (апартмани) и се издаваат на туристи. Тие објекти имаат: ѕидови, струја, вода, тоалети што значи дека веќе не се привремени, туку реални дивоградби. Локацијата ‘Градиште’ формално воопшто не е регистрирана како автокамп според закон, а сепак функционира како туристичка зона. Се копаат септички јами покрај парцелите и ова е спорно и од еколошки аспект (не само од урбанистички)“, стои во реакцијата на „Правда за Градиште“, кои објавија и фотографии.


Од иницијативата прашуваат колку време ќе се толерира узурпација на државно земјиште ?
„Кој дозволува градење дивоградби на државно земјиште кое е во процес на денационализација? Кој штити незаконитост? Зошто институциите не постапуваат? Градиште е организиран криминал и корупција. Доста е“, се вели во реакцијата на „Правда за Градиште“, кои бараат одговори и од Општина Охрид и градоначалникот Кирил Пецаков.
Околу целиот процес, иницијативата посочува дека земјиштето во таканаречениот автокамп „Градиште“ е во процес на денационализација, а фирмата која го користи/стопанисува земјиштето нема документ од надлежен орган.
„Во пресуди од Управен суд стои дека фирмата има третман на узурпатор. Ова е официјален документ од Општина Охрид односно од Сектор за урбанизам и управување со градежно земјиште. Фирмата ИНЕКС ГОРИЦА АД Охрид, со седиште на Наум Охридски број 5-7 Охрид: 1.НЕМА ДОКУМЕНТ ОД НАДЛЕЖНИ ОРГАНИ со кој земјиштето на Автокамп Градиште е дадено на користење на ‘Инекс Горица’ АД Охрид, вклучително и евентуални анекси или обновен договор/решение со кое земјиштето е сè уште отстапено на користење на субјектот. 2.НЕМА ДОКУМЕНТАЦИЈА со која се уредени правните односи помеѓу државата и ‘Инекс Горица’ АД Охрид како корисник на државното земјиште во Автокамп Градиште“, реагираат од иницијативата.

Од таму нагласуваат дека Општина Охрид, во мај 2021 година, донела Решение за рушење на дивоградбите во автокампот Градиште.
„Корисникот на земјиштето (узурпаторот) се жалел на решението и сите жалби му се отфрлени , а од минатата година има поведено спор во Управен суд за кој сеуште нема пресуда. Државната комисија за спречување корупција побара на седница на Влада да се преиспита ‘одлуката’ за користење на земјиштето во таканаречениот ‘автокамп’ Градиште. Започнати се и кривични постапки… Случајот Градиште го има во сите меѓународни извештаи“, се вели во реакцијата.


