Претстои сериозно прекројување на Буџетот и зголемување на јавниот долг
Заем за претпазливост и ликвидност од ММФ не може да се користи за проекти, туку, токму како што кажува и самиот назив – за одржување на ликвидноста на Буџетот. Така, овие пари може да се користат за зголемување на платите, но економистите предупредуваат дека тоа нема да обезбеди раст на БДП, од кој би можел да се враќа долгот
Ново задолжување од 900 милиони евра, значително зголемување на ставката за плати во администрацијата, еднократни исплати за пензионерите и нов раст на пензии од септември, се фактори кои ќе ја прекројат државната каса, истовремено ќе го зголемат буџетскиот дефицит, јавниот долг и куповната моќ на дел од населението. Клучните прашања што сега се поставуваат во јавноста е колкава висина на јавен долг може да издржи државата и дали зголемените плати на јавната администрација ќе ја зголемат инфлацијата.
Препорачано
Мислењата на стручната јавност не се едногласни. Поголем дел од експертите сметаат дека во однос на јавниот долг, со оглед на новонставнататa ситуација со руско-украинскиот конфликт, неопходни ни се повеќе пари од првично проектираните, но и дека е многу важно како ќе се искористат. Во однос на зголемувањето на платите на администрацијата преовладува мислењето дека тие ќе направат притисок на инфлацијата.
Кредит, дури и без камата, треба да се врати
Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини објаснува дека најавениот Заем за претпазливост и ликвидност од ММФ се уште не е готова работа, односно се уште нема официјално одобрување од монетарците.
– Самиот назив на заемот кажува дека тој е за одржување на ликвидноста на Буџетот. Од него не може да се финансираат проекти. И да не бидеме во заблуда, ова не значи дека ќе легнат 900 милиони евра на сметка на Народната банка. По потреба, и по одобрување од ММФ, ќе може да се влечат пари за ликвидност. Токму оваа информација ја охрабри Владата и таа прифати зголемување на платите во образованието, а се преговара и за зголемување на другите плати во администрацијата. Во однос на рокот од 2 години, јас тука гледам поклопување со наредните избори и со потребата од пари за нив– изјави Хајредини за „Слободен печат“.
Хајредини се сложува дека најавениот кредит ќе биде со ниска камата од околу 1 процент, но потенцира дека и да е без камата, тој треба да се врати.
– Треба да се земаат кредити за проекти кои ќе зголемат бруто домашниот производ, за да има пари да се вратат долговите. Ова не е таков случај – потенцира Хајредини.
Ги протегаме нозете колку што не ни долга чергата
На иста линија е и претседателот на Здружението на даночни советници Павле Гацов кој смета дека Владата премногу комотно се однесува во однос на задолжувањето.
– Генерално, имаме прекомотно однесување во однос на задолжувањето, ги протегаме нозете колку што не ни е долга чергата. Ако, условно кажано, ни недостигаат 500 милиони евра, треба да се задолжиме 450 милиони, а 50 да си ги пронајдеме во сопствените резерви, а не ако ни недостигаат 500 милиони, ние да бараме 900 милиони. Ние треба да се задолжуваме до нивото на раздолжувањето. Вака, во последниве години само го билдаме буџетскиот дефицит. Од друга страна, податоците за наплатата на даноците и на другите приходи во буџетот, покажуваат дека годинава имаме раст од околу 20 проценти. Тој раст, кој е и резултат на инфлацијата, треба да се искористи и со тие пари треба да се направи нешто. Но, како што гледаме парите многу малку се користат за капитални инвестиции и се најавува раст на платите во јавната администрација и раст на пензиите. Ако задолжувањето не е за капитални проекти, тогаш парите како да отишле во ветер. Тие нема да создадат вредност – вели Гацoв во изјава за „Слободен печат“.
Тој смета дека растот на платите во администрацијата и на пензиите ќе ја подгреат инфлацијата.
– Едно е прашањето колкави се платите и пензиите, но факт е дека растот на потрошувачката ќе прави притисок на инфлацијата – вели Гацов.
Економистот во Институтот за интернационални економски студии во Виена, Бранимир Јовановиќ, пак во интервјуто за „Утрински брифинг“ потенцираше дека „инфлацијата направи многу лоши работи, но има и една добра страна, а тоа е ги јаде долговите“. Тој апелираше дека во овој момент, сите влади, па и македонската влада треба да трошат.
-За да се зголеми економската активност треба да се зголемат номиналните примања на граѓаните – треба да се зголемат и социјалните трансфери и платите во јавниот сектор и пензиите. Инаку, сами ќе си направите криза, така што ќе ја намалите куповната моќ на парите – изјави Јовановиќ.
Владата неодлучна за влијанието врз инфлацијата
Ставовите на Владата пак, во однос на растот на платите во администрацијата еволуираа. На еден брифинг со новинарите, со цел да се појаснат економските мерки за справување со кризата, беше кажано дека инфлацијата е увезена, како резултат на растот на цената на енергентите и на храната на берзите, и дека растот на минималната плата и усогасувањето на платите нема да ја зголеми инфлацијата. Но неколку дена подоцна стигна и официјалната изјава.
– Доколку ги зголемите платите колку што е вкупното барање на синдикатите, тоа може да произведе дополнителен инфлаторен притисок. А дополнителен инфлаторен притисок ќе значи дека и платата која ќе ја добијат работниците, таа после многу кратко време нема да вреди. Ако се зголеми инфлацијата тогаш обврската на Народната Банка е да интервенира преку зголемување на каматните стапки – изјави премиерот Димитар Ковачевски.
Министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска пак, кажа дека нема да има дополнителна инфлација по покачување на платите од 12 проценти во образованието откако претходно изјави дека покачувањето на платите за повеќе од 10 проценти ќе предизвика дополнителна инфлација во државата.
– Нема да влеземе во дополнителна инфлација затоа што во разговори со министерот за финансии и со премиерот 12% се процент кој нема да предизвика дополнителна инфлација и проблем на стабилноста на Буџетот на Владата- изјави министерката Тренчевска.
Ковачевски: Кога се носеше Буџетот немаше војна во Украина
Премиерот Димитар Ковачевски големото задолжување од 900 милиони евра што е најавено преку Меѓународниот монетарен фонд го оправдува со избивањето на војната во Украина, нешто што не било предвидено во буџетот за 2022.
– Буџетот за 2022 беше донесен во 2021 и во него е предвиден дефицит од 545 милиони евра и 55 милиони евра депозити. Требаа да се најдат 600 милиони евра. Не беше предвидена војната во Украина, која ја зголеми цената на енергентите. Цената на електричната енергија е пет-шест пати зголемена во однос на нормалните цени, како и цената на гасот која сега е искачена на ниво од 2.000 долари. Тоа значеше дека мора да се донесе пакет антикризни мерки од 400 милиони евра – рече Ковачевски.


